По две децении застој, внатрешната езерска пловидба во Македонија влегува во нова фаза со законски измени што овозможуваат домашна едукација и сертификација на кадарот. Овој значаен чекор не само што ја зајакнува безбедноста на пловниот сообраќај, туку отвора и нови можности за развој на професијата, симболично одбележани со првата жена заповедник на брод во земјава.

После 20 години, се направени законски измени и за прв пат е овозможено полагање на стручни испити за капетан на брод и бродски екипаж, што е чекор понапред во професионализација на внатрешната езерска пловидба и подигнување на нивото на безбедност во пловниот сообраќај.
– Требаше да се направат одредени законски и подзаконски измени со цел да се овозможи да се направат овие полагања. До сега тие се вршеле во странство, тоа значело дополнително оптоварување на оние кои што се занимаваат со оваа работа и секако значело помала безбедност во пловниот сообраќај. На првиот испит, сертификати добија еден заповедник на брод за управување со меѓународен пловен пат, што е највисоко звање, осум заповедници на брод за управување со државен пловен пат, еден водач на палуба, шест морнари и особено ми е драго што, за прв пат во Македонија имаме женски Заповедник на брод, значи дека ова е работа кој што може секој да ја извршува. Ова е нешто што сакаме да го стимулираме и во периодот кој што е пред нас со цел да може да се регулира пловниот сообраќај во државата и да имаме едно повисоко ниво на безбедност – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при посетата на Капетанијата во Охрид.
За потребите на Капетанијата е набавен нов пловен објект, а се изврши расчитување на пристаништето во Св. Наум и градското пристаниште во Охрид. Николоски најави нови проекти за истите и заеднички проект со општина Охрид за уредување на кејот.
– Заедно со општина Охрид работиме на еден проект кој што десет години никој не сакаше да го работи. Имено се работи за ново уредување на градскиот кеј со двете пристаништа, пристаништето пред хотел Палас и градското пристаниште. Последен пат интервенции на градскиот кеј се правени во 90-те години, што значи дека преку 30 години ништо не е чепнато. Општината во моментов работи проектирање. Од наша страна ние работиме во делот на пристаништата и очекувам заеднички да подготвиме еден проект кој што ќе значи целосно партнерно уредување на кејот од една страна, од друга страна ставање во функција на пристаништата пред хотел Палас во дел на полесни помали пловни објекти, додека старото градско пристаниште треба да добие комплетно нов лик со цел тука да се укотвуваат поголеми пловила. За тоа разговаравме во Париз, кога бевме во посета на УНЕСКО, четири министри и двајца градоначалници. Можам со задоволство да кажам дека има расположение кај нив заеднички да работиме и сите стандарди на УНЕСКО да бидат постигнати со цел од една страна да се задржи статусот и да се унапреди, а од друга страна да имаме модерен кеј и да имаме функционални пристаништа” – додаде вицепремиерот Николоски.
Илија Аранудоски, капетан на Капетанија на пристаништата ја поздрави оваа мерка, најави зголемен обем на инспекциски надзор во следниот период и упати апел за навремена регистрација на пловните објекти и придржување кон прописите од внатрешната пловидба.












