Судењето за Стојанче Јовановски обвинет за тешко семејно насилство кое заврши фатално по животот на неговата жена и ќерка, продолжи во Кривичниот суд со распит на сведоци. Во судницата сведочеше сосетката од зградата во кое живееа несреќните Ивана и Катја, кажа дека подолг период во зградата се слушале викање, тропање, удирање со столици, гласови на Катја.
– Една ноќ кон 2 часот слушнавме „тато ќе ја убиеш мама“. Малата Катја викаше, се слушаше. Излегов надвор ама во ходникот не се слушаше ништо. Мислам дека и некои од другите комшии тогаш излегоа во ходниците. Јас лично два пати имам повикано полиција од ПС Карпош. Се качувавме заедно по катовите да откриеме од каде се викањето и тепањето. Првиот инспектор беше коректен, запиша дека не најдовме ништо, оти од ходник ништо не се слушаше. Викањето се слушаше вертикално, во становите. Вториот полицаец кога дојде беше многу дрзок и нервозен, лупаше по становите, прашуваше на кој кат е, му реков не знам. Знам дека е над мене. Тропна на неколку стана, по што мене ми се закани дека ќе добијам кривична за лажно пријавување – сведочеше сосетката Тања.
Соседката насилството го слушнала пред две години, а друга пак и кажала оти девојчето тропало по вратите и барало помош за мајка и.
Потоа во судницата сведочеше учителката на Катја која одела во прво одделение. Кажа дека по детето доаѓале Ивана и нејзината баба Љубица, а таткото само еднаш кога барал телефонски број од родител на друго дете со објаснување дека ја задевало Катја. Двете учителки на детето знаеле за случувањата во домот од кажувањата на бабата и го известиле училишниот психолог за тоа.
– Психологот ми даде насоки да ја следам ученичката. По некој ден, девојчињата си играа и забележав дека Катја падна на подот. Ги прашав дали играат некоја игра или прават драматизација на некоја приказна. Катја рече дека татко ѝ кога ја удирал мајка ѝ, таа така паѓа. Веднаш го известив психологот и таа разговараше со Катја. Катја ѝ рекла дека нејзините родители се разведени и дека таа е со мајката. Психологот ја повика на разговор Ивана и ја упатила Ивана каде да се обрати во случај на семејно насилство, кажа учителката на прашање на обвинителката Адела Бојчевиќ.
Имало период кога детето било среќно, се до пред Нова Година, што се поклопува со враќањето на мајката и ќерката во станот и стариот живот со Стојанче.
„На почетокот кога ја учевме темата „кој сум јас, кое е моето семејство“, Катја ја црташе само мајката. Кога ја прашав зошто, рече „јас сум со мама“. Катја се однесуваше како и сите други деца. Не покажуваше потиштеност, не покажуваше вознемиреност или затвореност. Беше отворена со сите ученици, изгледаше среќно, другаруваше со сите и не помисливме дека нешто се случува во семејството. Нејзините цртежи секогаш беа ведри, со убави бои, лицата на луѓето и сонцето ги црташе насмеани. Така беше сѐ до пред Нова година, кажа учителката.
За кобниот 2 март кажа дека на училиште ја донела бабата и биле договорени таа да ја земе, но по детето дошла мајката околу 13.30 часот.
„Колешката ми се јави вечерта околу 20 часот, вознемирена, затоа што една од родителите ѝ се јавила и ѝ рекла дека Катја и мајката се мртви. Ми рече дека Ивана ѝ се јавила околу 11.30 и ѝ рекла дека тој ден Катја од училиште ќе ја земе нејзината мајка. Но околу 13.30 Ивана била во училиштето, учениците биле надвор на физичко. По часот Ивана ја зела Катја. Сакам да додадам, секогаш кога мајка ѝ ќе ја земеше Катја, таа беше многу среќна. И тој ден двете биле среќни, се гушкале и се бацувале – рече наставничката на Катја.
Стојанче и се закануваше со пиштол, ја уценуваше Ивана и бараше илјадници евра












