– За новата општинска зграда засега нема да аплицираме, затоа што сѐ уште не е подготвен проект, а Владата не финансира изработка на проекти, туку само реализација на веќе подготвени проекти. Тарифите за проектирање на ваков тип објекти се високи и веќе не постои можност за попуст, што претставува сериозен финансиски предизвик. И покрај тоа, Општина Центар останува посветена на реализацијата на овој капитален проект и ќе аплицира за негова реализација веднаш штом се изготви основниот проект – велат од Општина Центар

Општина Центар нема можност да аплицира на вториот повик од Владата за проектот „Општинска зграда“. Оттаму велат дека проектот за новата општинска зграда на Центар сè уште не е подготвен, што е пречка да се јават на вториот повик за средства од Владата.

– За новата општинска зграда засега нема да аплицираме, затоа што сѐ уште не е подготвен проект, а Владата не финансира изработка на проекти, туку само реализација на веќе подготвени проекти. Тарифите за проектирање на ваков тип објекти се високи и веќе не постои можност за попуст, што претставува сериозен финансиски предизвик. И покрај тоа, Општина Центар останува посветена на реализацијата на овој капитален проект и ќе аплицира за негова реализација веднаш штом биде изготвен основниот проект – велат од Општина Центар.

Изминатава есен, Општина Центар, на конкурс, избра три најдобри решенија за новиот објект, кој треба да се гради на местото каде што се сместени општинските бараки сега, изградени по скопскиот земјотрес и стари цели шест децении.

На конкурсот пристигнаа 13 идејни решенија, а парично беа наградени три. Првата награда беше доделена за идејното решение под шифрата „Намат“ на авторите Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска-Четелева и Кристијан Ристовски. Втората награда ја доби проектот под шифра „Чклаб“ на „Платформа“ ДОО Скопје, со авторите Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ-Муратовска, Ана Галевска-Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени, а треторангирано беше архитектонското решение под шифра „Сцена“ на Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска.

За најдобрите решенија беа доделени и награди, и тоа 750.000 денари за првото место, 400.000 денари за второто и 300.000 за третото место.

Најдобрите решенија беа претставени пред граѓаните минатиот месец, на архитектонската изложба „Општина за нас“.

– Наша цел не е само изградба на нова административна зграда туку и создавање функционален простор, кој ќе одговори не само на потребите на вработените туку и на граѓаните. Комплексот ќе биде модерен, енергетски ефикасен, со подземен паркинг со капацитет за околу 300 возила и простор за 100 велосипеди. Конечно, ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во централното градско подрачје – изјави тогаш градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Во ноември лани, на брифинг со новинарите, Герасимовски појасни дека проектот се состои од два дела: подземен паркинг на три нивоа со кој ќе се реши проблемот со паркирањето на Дебар Маало и над паркингот да има простор за потребите на Општина Центар.

– Проектирањето на подземната гаража и на општинската зграда ќе трае неколку месеци и очекуваме да се заврши до март, по што би аплицирале до Владата. Се надеваме дека ќе го започнеме проектот пред истекот на мандатот – објасни Герасимовски пред новинарите на брифингот.

Општина Центар ќе аплицира со вкупно осум проекти за финансиска поддршка, од кои седум се веќе поднесени, а осмиот најдоцна до вторник. Ова го тврдат од Општината откако министерот за локална самоуправа, Златко Перински, деновиве посочи дека на вториот повик за доделување средства од Владата за локални проекти не се јавиле 17 општини, меѓу кои и Општина Центар.

На првиот повик од Владата, Општина Центар доби средства за втората фаза од реконструкцијата на салата „Работнички“. Првата фаза од обновата е комплетно завршена и е започната втората, која предвидува целосна реконструкција и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според ФИБА-стандардите, обновување на гледалиштето со нови седишта, реконструкција на соблекувалните и на туш-кабините, како и поставување климатизација и подно греење.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ