Последниот случај на картелско здружување се однесува за јавна набавка од пред 9 години кога двете големи веледрогерии АД „Д-р Пановски“ и „Фарма трејд“ ДООЕЛ – Скопје меѓусебно се договориле во постапката за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал што го распишало Министерството за здравство. Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) оваа година обзнани за три картелски здружувања во земјава – кај големи супермаркети, во осигурителниот бизнис и најновото кај веледрогериите со намера да се стекнат со противправна имотна корист

 

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) оваа година обзнани за три картелски здружувања во земјава – кај големи супермаркети, во осигурителниот бизнис и најновото – кај веледрогериите со намера да се стекнат со противправна имотна корист.

Последниот случај на картелско здружување се однесува за јавна набавка од пред 9 години кога двете големи веледрогерии АД „Д-р Пановски“ и „Фарма трејд“ ДООЕЛ – Скопје меѓусебно се договориле во постапката за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал што го распишало Министерството за здравство.

– Двете веледрогерии, спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата, склучиле забранет договор – картел со што свесно и со намера да се стекнат со противправна имотна корист на штета на државата, го замениле принципот на слободна конкуренција на пазарот со забрането договарање на продажните цени на лековите – истакнаа од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

За учество во картелот, Комисијата со решението изрече и прекршочни санкции –  глоба и тоа на АД „Д-р Пановски“ во износ од 1.061.000 евра и на „Фарма трејд“ ДООЕЛ 721.000 евра, или вкупно 1,8 милиони евра – информираат од КЗК и појаснуваат дека висината на глобата е во корелација со штетата што е нанесена на буџетот на државата.

Управниот суд и Вишиот управен суд го потврдија тврдењето на Комисијата за заштита од конкуренцијата имајќи го предвид домашното законодавство, но и судската практика на Европската Унија.

– Решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата е правосилно и извршно и претпријатијата треба да ја платат глобата во законски утврдениот рок – стои во судската одлука.

По овој случај како и претходните два постапуваше Антимонополската комисија по допрен глас. На почетокот на годината, кога немаше лекови на Клиниката за Онкологија,  партијата ВМРО-ДПМНЕ на прес-конфереција објави дека веледрогеријата Д-р Пановски поддржана од Филипче за три години зела 35 милиони евра тендери само од Онкологија. Тогаш веледрогеријата најави тужба за клевета.

Под лупата на КЗК за картелско здружување од март годинава се десет осигурителни компании поради сомневања дека минатата 2024 година формирале картел и се договориле да ги зголемат режиските трошоци. Станува збор за одлуката на осигурителните компании од април минатата година, меѓу двата изборни круга, со која ја поскапеа премијата за 15 проценти, што резултираше со дополнителни трошоци за граѓаните и до 1.200 денари при регистрирање на возилата.

Во соопштението на Комисијата стоеше дека имаат докази прибрани при увид во канцелариите на осигурителните компании, како и докази прибрани од нивната меѓусебна комуникација.

– Десетте осигурителни компании, преку усогласено однесување, ја замениле состојбата на непречена конкуренција на релевантниот пазар, со состојба на практична соработка меѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата преку зголемување на продажната цена на премијата/процентот за вршење на дејноста на осигурување (режиски додаток), што е дел од премијата за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица и задолжително се плаќа при регистрацијата на моторни возила – соопштија тогаш од КЗК.

Од осигурителните компании пак, се правдаа дека тие имале законска можност да ја зголемат цената за автоодговорност или режискиот додаток, кој всушност претставува трошоците во работењето кој бил на сила од 2008 година, бидејќи условите на пазарот налагале промена, како и дека обвинувањата за картел не се точни, бидејќи секоја од 10-те компании имала различен процент на зголемување.

Одлуката на осигурителните компании, на барање на министерството за финансии, на седница на Влада беше укината и беа воведени лимити на трошоците, а потоа беше доставена и пријава до Комисијата за заштита од конкуренција.

За картелско здружување во јануари годинава беше посочен и Сојузот на стопански комори. Од КЗК изјавија дека ССК која е една од најголемите бизнис заедници во земјава била соучесник и организатор при картелското здружување на четири ланци на маркети и давала лажни и нецелосни податоци.

– Комисијата по допрен глас поведе постапка против Сојузот на стопански комори и против четири големи ланци на маркети заради постоење на сомневање за картелско здружување што е строго забрането согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Извршниот директор и потпретседателот на Комората свесно давале неточни податоци за улогата на Комората и нејзините овластени лица во организацијата на склучувањето на забранет договор (картел) помеѓу четирите големи ланци на маркети. При контрола на службената комуникација било утврдено дека тие имале активна улога во процесот на договарање и свесно давале неточни и нецелосни податоци заради избегнување на одговорноста за картелско здружување – соопштија од КЗК.

Пред нецел месец Комисијата информираше дека за лажењето и за картелското здружување на маркетите, ССК е казнета со 0,8 проценти од приходот остварен во 2024 година. Според пресметките ССК беше задолжена да плати казна од 100.000 денари или околу 1.600 евра.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека сознанијата за секое картелско здружување и кои ќе се докажат, ќе има казни. 

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ