Општина Куманово има волја да го преземе објектот на поранешниот Пионерски дом, но досега поднесените шест иницијативи биле одбиени, соопшти на последната седница на Советот, градоначалникот Максим Димитриевски.
– Во делот на предавање на овој објект во сопственост на Општина Куманово, за сите шест иницијативи бевме одбиени. Последниот разговор со заменик-министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади е дека постои политичка волја да ни се отстапи тој за да можеме првично да го исчистиме, а потоа физички да го заштитиме и да спречиме неосновано влегување на трети лица, како и да изработиме целосна техничка документација за негова реконструкција – изјави Димитриевски.
Клучен проблем останува правниот статус на објектот. Според важечките урбанистички планови, објектот е наменет за образование, додека во моментов дел од просториите ги користи детска градинка.
– Не постои ниту еден законски основ објектот да се запише во имотот на Општина Куманово и на градинката „Ангел Шајче“, затоа што има намена образование, а не социјална и детска заштита. Тоа значи дека при реализацијата на проектот своевремено, е прекршен законот, но, за жал, никој досега не одговарал – нагласи Димитриевски.
Дополнително, состојбата на објектот била сериозно нарушена, делови од инсталацијата биле демонтирани и отуѓени, радијаторите и дел од техниката биле разнесени, односно објектот бил целосно демолиран.
Од Општината најавуваат дека, доколку се реши прашањето на сопственоста, ќе се пристапи кон обезбедување финансиски средства. Планот е објектот да ја добие својата првична намена – образование, со можност за развој и на неформални образовни содржини.
– Значи, од момент кога ќе имаме право на владение, ние ќе ја спроведеме целата постапка, ќе изготвиме документација. Како што најдовме пари за многу проекти, и во државата и кај странски донатори, исто така, на тој начин ќе бараме или странски донатор или дефинитивно ќе се обратиме кај Владата да обезбедиме средства за негова реконструкција. Тој нема да се користи за детска и социјална заштита во целост, туку ќе ја исполни својата основна намена, а тоа е во делот на образовниот процес – објасни Димитриевски.
Секретарот на Општината, Емилија Сларидис-Јаневска, информираше дека е во тек постапката.
– Точката на Владата е одложена сè додека ресорното Министерство не ни даде согласност. Повторно е ставена на Влада, меѓутоа е одложена со цел да се договори ресорното Министерство да ни даде согласност за да го земеме Пионерскиот дом во трајно владение – кажа Сларидис-Јаневска.
Дел од просторот од поранешниот Пионерски дом е градинка, но другиот веќе е руиниран и е цел на вандали, иако се наоѓа во централното градско подрачје, меѓу две училишта и градинка.












