Европската приказна на Игор Стефановски-Иџе со новиот прототип започна на одличен начин. Македонскиот автомобилист го освои третото место во генералниот пласман на трката во Илирска Бистрица, во рамките на ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки.
За Иџе ова беше прво сериозно мерење со новиот болид во Категорија 2, каде што настапуваат најбрзите прототипи. Во силна конкуренција од дури 242 автомобилисти од цела Европа, Стефановски успеа да стигне до место на подиумот.
- Многу сум задоволен од постигнатиот резултат. Покажавме дека имаме потенцијал и дека можеме да им се спротивставиме на најдобрите европски возачи, изјави Стефановски.
Иџе им се заблагодари на својот тим и на поддржувачите, нагласувајќи дека резултатот е заеднички успех. Следен предизвик за македонскиот автомобилист е Бузет во Хрватска, каде што ќе се вози финалната трка од Европскиот шампионат.
- Сега се фокусираме на Бузет. Очекуваме добар резултат и оттаму да ја продолжиме оваа убава европска приказна, порача гордо Иџе.











