Надлежен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје донесе Решение со кое го уважи приговорот на АД Електрани на Северна Македонија против Наредбата за запирање на истрага за кривични дела – Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и Перење пари, против вкупно 13 физички и едно правно лице, а поврзано со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино.
-Со одлуката, Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката, при што на надлежниот обвинител во прв степен му се дадени и дополнителни насоки за постапување – се наведува во соопштението на државното Јавно обвинителство.
Во него се додава дека констатирајќи, пред се, слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице.
Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи ОЈО ГОКК да прибере и анализира повеќе податоци од неколку други институции, како и да нареди нови вештачења со цел прецизно испитување на сите околности и утврдување евентуална кривична одговорност.
Познато е, во мај годинава Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја запре истрагата против 13 лица и една фирма, за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, со образложение дека нема докази за перење пари и злоупотреби. По сериозните сомнежи што пред околу една година ги отвори МВР – дека биле злоупотребувани тендери за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, со проценета вредност од над 160 милиони евра, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека предметот се затвора.
Од Обвинителството информираат дека од прибраните докази не е утврдено дека осомничените сториле кривични дела. Во фокусот на истрагата беше компанијата „РКМ“, која го добила тендерот, како и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски. Со истрагата беше опфатен и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и беше баран со меѓународна потерница во рамки на случајот „Адитив“.
Според Обвинителството, во текот на истрагата биле анализирани обемна документација, финансиски извештаи, договори, анекси, вештачења и изјави од сведоци, вклучително и претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино и лиценцирани компании за трговија со мазут. Истрагата утврдила дека постапките за набавка биле спроведени во услови на енергетска криза и во согласност со законските исклучоци од Законот за јавни набавки, со цел да се обезбеди континуирано производство на електрична енергија. Дополнително, било утврдено дека ЕСМ ги вклучувала сите економски оператори со лиценца за трговија со мазут, преку јавни повици и директни известувања.
-Од доказите произлегува дека мазутот бил навремено и континуирано испорачуван, без да се доведе во прашање производството на електрична енергија. Во овој период, немало рестрикции во снабдувањето со струја, а ТЕЦ Неготино придонел за пониски цени од пазарните – посочија тогаш од Обвинителството.
Според нив, не е утврдена штета врз ЕСМ или државниот буџет. Напротив, сите одлуки биле носени од надлежните органи – Управниот и Надзорниот одбор на ЕСМ. Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата покажала дека исплатените средства не претставуваат незаконски стекната корист, ниту пак доказите упатуваат на прикривање средства. (Б.Ѓ.)












