Националниот археолошки музеј по повод 35 години од независноста на Република Македонија, на 8 септември организира посебен музејски настан „35 години – 35 предмети – 35 приказни“. Настанот ќе започне во 15 часот, а во текот на целиот ден влезот во Националниот археолошки музеј ќе биде бесплатен за сите посетители.

„Концептот на настанот ги поврзува 35-те години современа македонска независност со илјадниците години историја зачувана во археолошкото наследство на земјата. За таа цел, кустосите на Музејот избраа 35 предмети од постојаната музејска поставка, од различни периоди и археолошки локалитети, преку кои ќе бидат раскажани 35 посебни приказни“, велат од Музејот.

Постојаната поставка ќе има и посебен визуелен концепт. Секој од 35-те избрани предмети ќе биде означен со македонското знаме, кое ќе ги води посетителите низ музејот и низ приказните избрани за јубилејот.

„Посетителите ќе можат сами да ги пронаоѓаат означените предмети низ поставката: од најраните траги на човекот од палеолитот и неолитот, преку железното време, антиката, римскиот и доцноантичкиот период, средниот век, па сè до поновата историја. Зад секое знаме ќе стои различна приказна: за луѓето што ги создавале и користеле предметите, за нивните верувања, знаења и вештини, за трговските патишта и далечните контакти, за војните, секојдневието, уметноста и идеите што се менувале низ милениумите“, додаваат од Музејот.

По повод јубилејот ќе биде промовиран и специјално подготвениот каталог „35 години – 35 предмети – 35 приказни“. Во него избраните предмети се претставени преку текстови подготвени од кустосите и експертите на Националниот археолошки музеј. Каталогот не е замислен само како придружно издание на настанот, туку како траен запис за 35-те избрани предмети и нивните приказни.

Осми септември 1991 година го означува почетокот на современата независна македонска држава. Археологијата, пак, ни овозможува да погледнеме многу подлабоко во времето и да ги разбереме различните заедници, култури и историски процеси што оставиле траги на просторот на денешната држава.

ИЗДВОЕНИ