Вториот пензиски столб е стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење и има значајна улога во обезбедувањето финансиска сигурност за идните пензионери; Идната пензија на секој поединец зависи од неговото сопствено учество во системот – времето на осигурување, работниот стаж и платата на која бил пријавуван низ годините, како и приносите кои ги остваруваат пензиските друштва кои се условени од сѐ уште конзервативната законска рамка; Развојот на системот би требало да вклучува регулаторни промени со воведување на мултифондови, промени кај лимитите за инвестирање и листата на дозволени инструменти, но и понатамошно развивање на доброволното пензиско осигурување.

Ова се клучните поенти од брифингот на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ) одржан денес, а во светло на зголемениот интерес на јавноста поврзан со пензискиот систем во државата.

На брифингот, првите луѓе на АДПФ, која е составена од трите друштва за управување со задолжителните (втор столб) и доброволните (трет столб) пензиски фондови во нашата земја – КБ Прво пензиско друштво, Сава пензиско друштво и Триглав пензиско друштво, ги презентираа согледувањата од досегашното функционирање на капитално финансираното пензиско осигурување кај нас, говореа за придобивките за членовите и за системот воопшто, како и за предизвиците и можностите за понатамошен развој на пензискиот систем.

Претседателот на Асоцијацијата, Маријан Николовски, истакна дека целта на пензиската реформа од пред две децении, со пренесувањето на одговорноста за исплата на дел од старосната пензија кон задолжителните пензиски фондови од вториот столб, била да се постигнат значајни придобивки, како што се: обезбедувањето стабилност на пензискиот систем на долг рок; ублажувањето на демографските и финансиските ризици кои се поврзани со неговото функционирање; и обезбедување сигурност во исплатата на пензиите, преку нивно финансирање од најмалку два извора.

– Вториот пензиски столб е воведен токму за да помогне за стабилизација на системот. За да може да функционира самостојно државниот фонд, на еден пензионер треба да има најмалку тројца вработени кои уплаќаат придонеси. Ние веќе долг период сме далеку од тој сооднос и поради тоа парите што недостасуваат за исплата на пензии се обезбедуваат од државниот буџет за да може да се врши тековна исплата на пензиите. За да не зависиме во иднина само од идните вработени и да го намалиме делот за исплата што се обезбедува од буџетот, се воведе вториот столб. Во него се уплаќаат 6% од бруто платата, што е нешто помалку од една третина од вкупниот придонес за пензиско. Тие пари се штедат на индивидуални сметки, се инвестираат тековно и во иднина ќе се користат за исплата на дел од пензијата. Остатокот останува во ПИОМ и се користи за исплата на сегашните пензии – нагласи Николовски.

Тој потсети дека една од најголемите придобивки на вториот пензиски столб е тоа што средствата на индивидуалните сметки се личен имот на осигурениците и можат да се наследуваат, а секој член во секое време има увид во својата пензиска заштеда преку „Зелениот плик“ и личниот онлајн профил.

Весна Стојановска, Заменик-претседател на АДПФ, на брифингот говореше за стабилноста на вториот пензиски столб, нагласувајќи дека таа се темели на внимателното управување со средствата на членовите, остварувањето одржливи приноси и воспоставениот систем на надзор и заштита.

– Вториот пензиски столб претставува стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење. Според последните податоци на МАПАС, заклучно со 30 јуни 2026 година, во задолжителните пензиски фондови членуваат 637.977 осигуреници. Истовремено, бројот на лица кои веќе користат пензија од вториот пензиски столб изнесува 146, што е очекувано ако се има предвид дека системот функционира од 2006 година и постепено созрева. Просечниот принос што го остваруваат задолжителните пензиски фондови изнесува повеќе од 5,5% годишно. Овој резултат е споредлив со приносите што ги остваруваат пензиските фондови во повеќе европски држави со сличен начин на инвестирање. Кај пензиското штедење најважен е долгорочниот принос, бидејќи средствата се инвестираат со децении и токму сложеното пресметување на приносите има најголемо влијание врз идната пензија – изјави Стојановска.

Таа потенцираше дека внимателната распределба на инвестициите, строгите правила за управување со ризиците и повеќеслојниот систем на надзор, обезбедуваат сигурност, транспарентност и заштита на средствата на членовите и дека целта не е остварување брзи добивки, туку постепено и сигурно зголемување на средствата и обезбедување поголема финансиска сигурност за идните пензионери.

Во АДПФ акцентираат дека средствата на членовите се инвестираат внимателно и според строго утврдени правила, согласно законските финансиски инструменти. Односно, дека околу 30 отсто од средствата се инвестирани во висококвалитетни акции и ЕТФ-фондови на светските пазари – повисоки приноси на долг рок и внимателен избор на компании и пазари, а останатите околу 65 отсто од средствата се инвестирани во обврзници, при што најголемиот дел се домашни државни обврзници – поголема стабилност и помал ризик. Останатиот дел е распределен во акции на домашни компании, инвестициски фондови, банкарски депозити и странски обврзници, што овозможува да се постигне рамнотежа помеѓу приносот и ризикот.

Што се однесува до прашањето кое изминатиот период се појави во јавноста поврзано со висината на пензиите за идните пензионери, од АДПФ нагласуваат дека идната пензија на секој поединец зависи од неколку елементи, но, без исклучок, полниот работен стаж и пријавувањето на реално остварените плати – обезбедуваат солидна пензија за корисникот и средства за финансирање на системот, без разлика дали тој бил осигурен по стариот систем или е вклучен и во вториот столб.

Осврнувајќи се на факторите што влијаат врз висината на идните пензии, Татјана Бојковска, Секретар во АДПФ, истакна дека фокусот, освен преку создавање поголема пензиска акумулација (подолго и континуирано издвојување на придонеси со висина која е соодветна), треба да се насочи кон современи инвестициски решенија, воведување на мултифондови и поголема вклученост во доброволното пензиско осигурување. Таа посочи дека искуството од земјите кои веќе ги применуваат овие модели покажуваат дека тие можат значително да придонесат за повисоки пензии.

– Македонскиот втор столб денес располага со значајни средства и има постигнато стабилни долгорочни резултати на ниво на систем. Следниот чекор во неговиот развој треба да биде воведување на мултифондови, со внимателна и соодветна имплементација, имајќи ги предвид успесите и предизвиците на системите кои веќе поминале низ оваа развојна фаза. Искуствата од земјите што веќе вовеле мултифондови покажуваат дека комбинацијата од подолг период на акумулација повисока изложеност кон вложувања со повисок очекуван принос и повисок ризк за за помладите членови, како и преодот кон помалку ризични и постабилни портфолија со наближување кон пензија, овозможува повисоки долгорочни приноси без да се загрози сигурноста на членовите кои се блиску до пензионирање – заклучи Бојковска.

Taa нагласи дека покрај мултифондовите, значајна улога има и доброволното пензиско осигурување кој на членот му овозможува сам да одлучи со која динамика и колку дополнително ќе издвојува за својата иднина, додека работодавачите добиваат можност преку уплати во доброволен фонд да обезбедат долгорочна придобивка за своите вработени.

Во врска со оваа тема, велат во АДПФ, состојбите во нашата земја се загрижувачки: до крајот од 2025 година, само околу 2,4 отсто од вкупното работоспособно население се членови на третиот стол, додека во нашите блиски регионални примери – Хрватска и Бугарија, овој процент изнесува над 20 отсто.

На средбата беше заклучено дека вториот пензиски столб претставува важен сегмент од македонскиот пензиски систем, кој придонесува за сигурноста на пензиските заштеди на членовите и за долгорочната стабилност и одржливост на пензискиот систем. Истовремено, беше потенцирана потребата од континуирано унапредување на системот, финансиска едукација и создавање услови за повисоки идни пензии.

ИЗДВОЕНИ