Од полноќ стапуваат на сила новите цени на горивата, со кои дизелот ќе поевтини за два денари по литар, додека бензините поскапуваат за 3,5 денари. Новата пресметка на Регулаторната комисија ги вклучува и ефектите од владината одлука за привремено намалување на ДДВ-то за дизел-горивото од 18 на 10 проценти. Власта и опозицијата имаат спротивставени пресметки за тоа колкав е реалниот ефект врз семејниот буџет намалувањето на ДДВ-то за дизелот и претходно на акцизите за бензините. Владата тврди дека со овие мерки граѓаните заштедиле милиони евра, а цените на горивата се меѓу најниските во регионот. Опозицијата, пак, оценува дека мерките се задоцнети и недоволни и бара целосно укинување на акцизата и намалување на ДДВ-то на 5 проценти. Според СДСМ, со предложените мерки граѓаните би имале поголема куповна моќ и пониски трошоци за гориво

 

Од полноќ стапуваат на сила новите цени на горивата, со кои дизелот поевтинува за два денари по литар, додека бензините поскапуваат за 3,5 денари. Новата пресметка на Регулаторната комисија ги вклучува и ефектите од владината одлука за привремено намалување на ДДВ-то за дизел-горивото од 18 на 10 проценти. Со најновата корекција, еуросупер БС-95 ќе се продава по 100,50 денари за литар, еуросупер БС-98 по 102,50 денари, додека еуродизелот ќе чини 99 денари за литар. Одлуката за намалена даночна стапка за дизелот ќе се применува од 15 до 28 септември.

Владата мерката ја образложува како дел од пакетот активности за ублажување на ценовниот удар врз граѓаните и стопанството во услови на енергетска криза. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека намалувањето на ДДВ-то, заедно со претходното намалување на акцизите, спречило значително поголем раст на цените. Според неговите пресметки, без владините мерки дизелот би бил поскап за 11 до 15 проценти, а само по основ на намалената цена на дизелот дневната заштеда за граѓаните надминува 250 илјади евра. За период од две недели, заедно со ефектот од намалената акциза за бензините, владата проценува директна заштеда од околу 4,2 до 4,5 милиони евра.

– Доколку не се донесеше оваа одлука, како и претходните одлуки за намалување на акцизата, цената на дизелот ќе беше поскапа за 11 до 15 проценти за литар од ова што е денеска – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека зголемената потрошувачка на гориво во земјава, особено на бензинските станици во северниот, западниот и јужниот дел од државата, е поврзана и со зголемениот број граѓани од соседните земји кои точат гориво во Македонија.

– Стигнавме до повеќе од 2,5 милиони литри гориво што се точи на македонските бензиски пумпи. Имајќи предвид дека приближно 70 проценти е дизел-гориво, тогаш доаѓаме до околу 1,4 до 1,5 милиони литри – рече премиерот.

Мицкоски смета дека ефектот од мерките не се гледа само преку директното намалување на трошоците за гориво, туку и преку нивното влијание врз инфлацијата. Тој посочува дека Македонија во моментов има меѓу најниските цени на горивата во регионот и оти владата, во рамките на своите можности, презема мерки за заштита на стандардот на граѓаните.

Од опозицијата, пак, оценуваат дека мерките се задоцнети, недоволни и немаат суштински ефект врз животниот стандард. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предлага целосно укинување на акцизата за горивата и намалување на ДДВ-то од 18 на 5 проценти. Филипче тврди дека со вакви мерки граѓаните би добиле значително поголема куповна моќ. Според неговите пресметки, лице со просечна нето-плата, со мерките на СДСМ, би можело да купи 621 литар евродизел, односно 108 литри повеќе од сегашната можност, додека кај бензинот разликата би изнесувала 205 литри.

Разликата, според Филипче, е уште поголема кај граѓаните со минимална плата. Тој наведува дека со предложените мерки би можеле да купат 334 литри евродизел, наспроти 276 литри со владините мерки, како и 398 литри евросупер наместо 288 литри.

Опозициониот лидер смета дека значително пониските цени на горивата би имале поширок ефект врз економијата, бидејќи би можеле да придонесат и за намалување на трошоците за транспорт и производството, а со тоа и за пониски цени на дел од останатите производи и услуги.

– Сметаме дека ова се вистински мерки, кои граѓаните ги заслужуваат, затоа што ова значајно намалување на цените на горивата, со поддршка од страна на државата, може да предизвика и некаков пад на останатите цени. Затоа што цените по маркетите се ужасни. Ние имаме поскапи цени од Германија – на прехранбени продукти, на пијалоци, на се – истакна Филипче.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ