Во првата половина од 2026 година, Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) спроведе речиси 22.000 инспекциски контроли, во чии рамки, во делот на откупот, се издадени 409 решенија (наредби, опомени и задолженија), рече директорот на ДИЗ, Ивица Ангеловски.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата, тој истакна дека ДИЗ моментно се соочува со недостиг на кадар поради одливот на инспектори, кои одат во пензија.
– Инспекторатот во целост ги исполнува своите обврски. Континуирано на терен, во текот на целата година, во зависност која култура е актуелна за откуп. Постапуваме во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој и во текот на откупот нашите земјоделски инспектори ги следат условите што треба да ги исполнуваат откупните компании при процесот на откуп на земјоделски производи. Притоа се следи дали ги исполнуваат компаниите минимално-техничките услови за вршење откуп, дали поседуваат соодветни простории и опрема за вршење откуп, дали имаат верификувани мерни инструменти за откуп, како и други услови што треба да ги исполнуваат во согласност со законската регулатива – рече Ангеловски.
Тој информира дека Инспекторатот се соочува со недостиг на кадар.
– Имаме евидентен одлив во однос на инспекторите што одат во пензија и во наредниот период мора систематски да поработиме на тој дел, на вработување нов кадар што ќе ги покрива сите наши активности – рече Ангеловски.
Во однос на извозот, Ангеловски објасни дека ДИЗ е надлежен да ја контролира здравствената исправност на пратките.
– Извозот е активност што се одвива во текот на целата година. Ние, како надлежен Инспекторат, сме задолжени за фитосанитарната сертификација, односно за издавањето извозен документ, кој ја потврдува здравствената исправност на пратките, и гарантираме дека тие пратки не се заболени, здравствено се исправни и ги исполнуваат условите за извоз – рече директорот на Инспекторатот.











![[Интервју] Синоличка Трпкова: Светот бара автентични приказни, да создаваме уметност без желба да се допаѓаме](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/07/sinolicka-trpkova-100x70.jpg)
