Глобалните залихи на нафта, кои служат како заштита од прекини во снабдувањето, станаа „алармантно ниски“, предупреди првиот човек на „Сауди Арамко“, Амин Хасан Насер. Без повторно отворање на Ормускиот теснец, порачува тој, состојбата на пазарот би можела дополнително да се влоши.
Раководителот на најголемиот светски извозник на сурова нафта го упати ова предупредување само неколку дена откако владите на најголемите економии најавија пуштање до 100 милиони барели нафта и дизел од итните резерви на пазарот за да го ублажат растот на цените на горивата.
Според Насер, на почетокот на војната меѓу САД и Иран светот располагал со околу десет милијарди барели нафтени резерви. Сега ги има помалку од шест милијарди, а поради различни технички ограничувања, во пракса се достапни само околу десет проценти од преостанатата количина, пишува Фајненшл Тајмс.
Посегнувањето по тие резерви може да им купи време на економиите, но нема да ја отстрани нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката, предупреди Насер. Потрошувачката на нафта и понатаму расте, додека производителите од земјите во Персискиот Залив се обидуваат да ги зголемат производството и извозот. Тие успеаја да ги доближат испораките до нивоата од пред војната.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт користат сопствени танкери за транспорт на нафтата низ Ормускиот теснец. Преминот е барем делумно блокиран откако САД и Израел го нападнаа Иран кон крајот на февруари, со што започна регионална војна.
Зголемувањето на испораките засега донесе само ограничено олеснување за пазарот. Во цените на нафтата сè уште се вкалкулирани безбедносните ризици за снабдувањето преку Персискиот Залив и Црвеното Море.
Барел од типот „Брент“, меѓународната референтна цена за нафта, во текот на изминатиот месец се движеше околу 100 долари, иако низ Ормускиот теснец минуваа повеќе танкери. Притоа, бродовите беа изложени на зголемен ризик од напади, а Саудиска Арабија во истиот период беше мета повеќе пати.
„Арамко“ бара дополнителни извозни рути
И покрај нападите, сите капацитети на „Арамко“ за експлоатација и производство на нафта останаа неоштетени, рече Насер. Тоа ѝ овозможи на компанијата да продолжи да ги исполнува договорните обврски кон купувачите во Европа и Азија.
За да ги обезбеди испораките, „Арамко“ користеше различни извозни рути, ги прилагодуваше испораките преку комбинирање на различни видови сурова нафта и ангажираше сопствени танкери.
Во текот на изминатиот месец, компанијата ги зголеми испораките од „Рас Танура“, нејзиниот главен извозен терминал во Персискиот Залив. По минатомесечниот напад, кој привремено ги запре операциите на главниот нафтовод низ Саудиска Арабија, компанијата брзо реагираше, па протокот во меѓувреме е вратен на околу 80 проценти од неговиот капацитет.
„Арамко“ сега разгледува алтернативни извозни рути за да ја намали зависноста од одделни начини на испорака на нафта до купувачите ширум светот. Насер не откри детали, но изјави дека компанијата разгледува и планови за удвојување или утројување на капацитетите за складирање.
„Системот веќе е под притисок“, рече Насер на форумот Energy Intelligence во Лондон. Со многу ограничени можности за ублажување на нарушувањата, безбедносната резерва што го штити снабдувањето стана „алармантно ниска“, додаде тој.
Тој исто така предупреди дека модерната технологија сè почесто се користи за напади врз инфраструктурата и танкерите. Меѓу таквите алатки се и јавно достапните податоци, како што се сателитските снимки и бродските дневници.












