Просечната месечна вредност на увозот на нафта во ЕУ во вториот квартал од 2026 година била за 55,8 отсто повисока од просечната месечна вредност во текот на 2025 година, додека количината на увезена нафта е зголемена за само 1,2 отсто, на 36,7 милиони тони месечно, објави денеска Евростат.
Податоците покажуваат дека растот на вредноста на увозот бил значително поголем од растот на количината, што укажува на значително зголемување на просечната цена на увезената нафта.
Соединетите Американски Држави биле најголемиот снабдувач со нафта за Европската Унија со удел од 18,8 отсто, пред Норвешка со 14,3 отсто и Казахстан со 13,4 отсто. Кај течниот природен гас (LNG), вредноста на увозот во ЕУ пораснала за 4,1 отсто, додека количината се намалила за 5,6 отсто.
Соединетите Американски Држави во вториот квартал од 2026 година биле убедливо најголемиот снабдувач со LNG за Европската Унија, со удел од 63,2 отсто, додека Русија учествувала со 17,3 отсто, а Алжир со 8,1 отсто.
Европската Унија исто така го зголемила и увозот на природен гас во гасовита состојба, така што вредноста на увозот пораснала за 18,5 отсто, а количините за 3,4 отсто во споредба со месечниот просек од минатата година. Норвешка била најголемиот снабдувач со гас во гасовита состојба во вториот квартал од 2026 година, со удел од 51,2 отсто, по што следуваат Алжир со 18,2 отсто и Велика Британија со 11,1 отсто, наведува Евростат на својата веб-страница.












