Катастрофа, пожар, поплава или друга природна непогода македонските граѓаните не можат да ја дочекаат со систем за заштита и спасување кој е целосно подготвен да реагира. Ова е суштинскиот заклучок на Државниот завод за ревизија, кој утврдил сериозни слабости во стратешкото планирање, човечките и материјалните капацитети, опремата, финансирањето, координацијата и контролата.
Во времиња кога ризиците од катастрофи се зголемуваат, особено од шумски пожари, поплави и горештини, ревизорот констатира дека системот за заштита и спасување „не функционира како целосно интегриран и ефикасен механизам за превенција, подготвеност, навремен одговор и справување со катастрофи“. Најдиректниот показател за состојбата се пожарникарите. Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје е одговорна за заштита и спасување на околу 617.000 жители на површина од 1.818 квадратни километри. Само во 2024 година имала 1.412 интервенции по пожари и уште 161 техничка интервенција. Но, од 384 систематизирани работни места за пожарникари, пополнети се само 172. Тоа значи дека повеќе од половина од предвидените места се непополнети. Ревизијата дополнително утврдила и застарена противпожарна опрема, што директно влијае врз оперативната подготвеност и ефикасноста на бригадата.

Сликата станува уште посериозна ако се земе предвид обемот на пожарите во земјава. Според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари, во 2024 година во Македонија биле регистрирани 97.660 хектари изгорена површина – највисоко ниво во последната деценија и повеќе од вкупната изгорена површина во претходните шест години заедно. Според „Национални шуми“, само во периодот 2023 – 2025 година изгореле 82.714 хектари, со 914.657 кубни метри изгорена дрвна маса и штета од 133,6 милиони евра. Само во 2024 година штетата била проценета на 83,1 милион евра.
Во исто време, државата нема актуелен клучен стратешки документ за оваа област. Последната Национална стратегија за заштита и спасување важела до 2018 година. Изготвена е нова нацрт-стратегија за периодот 2026 – 2030 година, но таа не е усвоена. Не е донесена ниту Годишна програма за заштита и спасување, а Планот за заштита и спасување на Републиката не е ажуриран. Особено алармантен е податокот дека процената на загрозеност од природни непогоди и други несреќи е донесена уште во 2007 година и оттогаш не е ажурирана според новите ризици и современите услови. Тоа значи дека државата нема процена врз која би требало да планира за тоа од што е најзагрозена, каде се најголемите ризици и со какви сили, луѓе и опрема треба да располага за да реагира.
Ревизијата покажува проблеми и кај Дирекцијата за заштита и спасување. ДЗС располага со повеќе од 30 магацини во подрачните одделенија, но нема воспоставен интегриран систем за материјална и финансиска евиденција. Недостигаат магационери и соодветни контроли, не е извршен целосен попис и усогласување на состојбата, а не е обезбедено ниту следење на движењето на средствата. Евидентираната вредност на материјалните средства од 6,59 милијарди денари во 2024 година паднала на 3,83 милијарди денари во 2025 година, односно за 41,9 отсто.
Проблем има и со воздушните сили на ДЗС, кои треба да помогнат во справувањето со големи шумски пожари и други катастрофи. За сервисирање, резервни делови и осигурување на леталата во периодот 2023 – 2025 година биле потрошени 149,9 милиони денари. Но, проблемот не е само во тоа колку се троши, туку и во тоа како функционира системот кога ќе се случи катастрофа. Според ревизијата, системот за управување со кризи функционира претежно реактивно – ресурсите постепено се активираат од локално кон национално ниво, а кога локалните капацитети не се доволни, се прогласува кризна состојба и се ангажираат Армијата, МВР и меѓународна помош. Фактот дека во 2024 и 2025 година повеќекратно биле прогласувани кризни состојби поради пожари, според ревизорот, укажува на недоволни капацитети за ефикасно справување со катастрофи.
И контролата е сериозен проблем. Инспекцискиот надзор се спроведува со само 14 до 17 инспектори, кои годишно вршат меѓу 1.168 и 1.369 надзори. Во февруари 2026 година, самата ДЗС доставила информација до Владата дека со сегашниот начин на работа и просечно со околу 1.300 надзори годишно, би биле потребни приближно 55 години за да се контролираат сите правни субјекти. А за редовен и контролен инспекциски надзор еднаш годишно, според процената на ДЗС, би биле потребни 322 инспектори, имајќи предвид дека во земјава има 72.181 фирми. Ова уште повеќе добива на тежина со пожарот што се случи во „Пулс“ пред година и пол, а инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување пред судот сведочеше дека Општина немала вработено инспектор за заштита и спасување Кочани повеќе од една деценија.
Проблемот со парите, пак, не е само во висината на средствата, туку во нивната распределба. Во периодот 2022 – 2024 година за противпожарна заштита биле обезбедени вкупно 2,23 милијарди денари. Но, дури 98,5 проценти биле насочени за тековни расходи, плати и надоместоци, додека само 1,5 процент биле капитални расходи. Ревизорот оценува дека ваквата структура го ограничува просторот за модернизација, набавка на опрема и возила и зајакнување на оперативната подготвеност. (П. А.)
Ангелов: Ова лето Македонија најуспешно се справи со пожарите
По забелешките на Ревизорот за справувањето на државата со катастрофи и несреќи, Стојанче Ангелов изјави дека тоа се слабости на кои укажувал како директор на ЦУК, но и сега, како директор на ДЗС. Вели дека дел од овие слабости значително се намалени со законски измени. Авионите за пожар биле сервисирани и функционални, бројот на ПП возила се зголемил, а се поедноставило командувањето. И покрај постојните слабости и недостатоци, ова лето Македонија најуспешно досега се справи со пожарите на отворен простор, вели Ангелов
– Ангажманот на доброволни пожарникари преку тимовите за брз одговор на ДЗС е неспоредливо повисок во однос на минатите години, со што беше избегната потребата од поддршка на операциите на гаснење на комплексни пожари со припадници на Полицијата и на Армијата. Исто така, ова лето немаше потреба од барање на меѓународна помош. Напротив, првпат од постоењето, ДЗС во Европскиот механизам за заштита и спасување декларираше два „ер трактора“ за помош на други земји. Реформите на Системот за управување со кризи, заштита и спасување продолжуваат понатаму во насока на создавање на една единствена институција која ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС, изјави директорот на ДЗС.












