Линдзи Кланси (36), мајка од Масачусетс обвинета за убиство на своите три деца, повторно се појави пред судот додека нејзините адвокати се обидуваат да избегнат повторно судење.
Одбраната побара од судијата Вилијам Саливан да ја прогласи Кланси за невина поради ментална неурамнотеженост. Судијата моментално го разгледува барањето откако на 4 септември беше прогласен прекин на судењето (т.н. „мис-трајал“) поради неуспех да се донесе пресуда.
До прекинот дојде бидејќи поротата не успеа да постигне едногласна одлука. Според судските записи, еден поротник одбил да се согласи со останатите единаесет, што го оневозможило донесувањето на конечна одлука.
Кланси се соочува со три обвиненија за убиство од прв степен – кривично дело за кое е предвидена казна доживотен затвор.
Ужасниот инцидент се случи на 24 јануари 2023 година, во семејниот дом во Масачусетс. Според обвинението, Кланси употребила еластични ленти за вежбање за да ги убие својата петгодишна ќерка Кора, тригодишниот син Досон и осуммесечниот син Калан.
Потоа, таа си нанела повреди со нож и скокнала од прозорец во обид за самоубиство. Претрпела тешки повреди кои резултирале со трајна парализа. За време на првото судење, одбраната тврдеше дека Кланси во моментот на злосторството страдала од тешка постпородилна психоза и не била способна да ја сфати природата и последиците од своите постапки.
Нејзиниот адвокат, Кевин Редингтон, пред судијата повтори дека, според ставот на одбраната, ниту еден доказ изнесен за време на судењето не покажал оти Кланси била свесна за незаконската природа на своите постапки во моментот на убиствата.
Посебно внимание привлекоа изјавите на неколку поротници дадени по прекинот на судењето. Тие за медиумите изјавија дека биле подготвени да гласаат за ослободителна пресуда врз основа на ментална неурамнотеженост, но дека еден поротник одбил да прифати таков исход.
Доколку судот утврди дека Кланси не е кривично одговорна поради ментална неурамнотеженост, тоа не би значело дека таа ќе биде пуштена на слобода. Според одбраната, таа би можела да биде сместена во државна психијатриска установа, при што нејзината состојба би подлежала на редовна судска ревизија.
Обвинителството моментално разгледува различни опции, вклучително и повторно судење, евентуален договор за признавање вина или обвинение за убиство од втор степен. Сепак, одбраната се обидува целосно да го спречи одржувањето на ново судење.
Адвокатите тврдат дека не постоеле правни основи за прогласување на судењето за неуспешно и дека конкретниот поротник – кој наводно не ги применил упатствата на судот во врска со стандардот за докажување „надвор од разумно сомневање“ – требало да биде отстранет од поротата. Според тоа, одлуката на судијата Саливан би можела да биде од клучно значење за понатамошниот тек на една од најсложените кривични постапки во Масачусетс.












