Боинг 737 на иранската компанија „Каспијан ерлајнс“ беше запленет на аеродромот во Истанбул, врз основа на тужба поднесена поради долг од околу три милиони евра, во моментот кога во него веќе се качиле патници за летот за Иран, пренесе во вторникот „Еуроњуз“.
Адвокати и судски извршители кои го застапуваат доверителот, компанијата за застапување и надзор на воздухопловството „ACM Temsil Gozetim“, во понеделникот влегоа во авионот кој се подготвуваше за полетување и му врачија налог за конфискација, по што патниците и екипажот беа изведени од авионот и вратени на терминалот.
„Каспијан ерлајнс“ е авиокомпанија со седиште во Техеран, основана во 1993 година, која работи како дел од иранската државна воздухопловна групација.
Иранските превозници се соочуваат со хронични потешкотии во одржувањето на своите флоти и исполнувањето на финансиските обврски кон странските партнери како резултат на децениите американски санкции, кои го ограничуваат пристапот до авиони, резервни делови, услуги за одржување и меѓународните финансиски системи.
Заплената се случи неколку дена откако на 23 септември стапија на сила сеопфатните секундарни санкции на Соединетите Американски Држави врз иранскиот воздухопловен сектор.
Американското Министерство за финансии на 8 септември санкционираше 27 ирански авиокомпании и девет поврзани даватели на услуги во рамките на операцијата „Економски изгнаник“, со предупредување дека странските аеродроми, добавувачи на гориво, оператори на земја и компании за продажба на билети кои ќе продолжат да им пружаат услуги на иранските превозници и самите ќе се соочат со санкции и ризик да бидат исклучени од системот на американскиот долар.
Секундарните санкции предизвикаа брзо намалување на иранското воздухопловство на меѓународно ниво, а летовите на иранските авиопревозници се суспендирани во Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Азербејџан и Оман.












