Дмитро Хориха и официјално по две поминати сезони во Вардар ќе го напушти клубот и од лето ќе го носи дресот на унгарскиот ПИК Сегед. Украинецот со Сегед стави потпис на договор до 2028 година и во клубот имаат големи очекувања од него. Во унгарскиот клуб тој ќе треба да го замени Рихард Бодо кој си заминува од клубот по една деценија.
„Возбуден сум што ќе имам можност да заиграм за ПИК Сегед и да ја почувствувам оваа атмосфера. Слушнав убави работи за клубот и со нетрпение чекам да ја почувствувам поддршката. Мојата цел ќе биде да дадам максимум на секој натпревар и да му помогнам на тимот во нови успеси. Со нетрпение чекам да го почнам новото поглавје“, изјави Хориха.
Нов договор за ПИК Сегед потпиша и голманот Роланд Миклер, со важност до 2027 година. Миклер ја започна кариерата во Дунафер, а во ПИК Сегед првпат заигра во 2010 година. Потоа настапуваше и за Веспрем, пред повторно да се врати во Сегедин во 2019 година. Со ПИК двапати беше шампион на Унгарија, а триумфираше и во домашниот Куп и во ЕХФ Купот. За националниот тим има 252 настапи.












