Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со Црвениот крст, подели социјални пакети со прехранбени производи на 50-мина пензионери со минимални пензии.
– Со овие пакети, сакаме да им дадеме дополнителна поддршка на нашите пензионери, особено во пресрет на новогодишните празници. Ова е дел од низата хуманитарни активности што ги подготвуваме во овој период – истакна Герасимовски.
Тој додаде дека Општина Центар годинава ја зголемила еднократната финансиска помош за пензионерите на 5.000 денари.
– Солидарноста и грижата за повозрасните граѓани треба да бидат наша секојдневна обврска. Во време кога изостанува потребната социјална грижа од државата, ние, како локална самоуправа, сме тука да помогнеме – смета Герасимовски.
Од Општината велат дека со оваа акција се потврдува нивната посветеност на социјалната поддршка на најранливите категории граѓани.
– Преку соработката со Црвениот крст, Општината продолжува да ги поттикнува солидарноста и хуманоста, затоа што и малата помош може да значи многу за оние на кои им е најпотребна – потенцираат од локалната самоуправа.












