Македонскиот оператор на пазарот на електрична енергија, МЕМО ДООЕЛ Скопје, овозможува доставување понуди и налози за тргување со негативни цени на организираниот пазар на електрична енергија. Со оваа промена, како што информираат од компанијата, продолжуваат реализацијата на Реформската агенда и усогласувањето на ценовните прагови со оние на европските берзи за пазарот „ден однапред“ и за пазарот во тековниот ден.
На пазарот „ден однапред“ (MATS), досегашниот ценовен опсег од 0,10 до 1.000 евра за мегават-час се менува во интервал од минус 600 до плус 4.000 евра. Кај пазарот во тековниот ден (M7), опсегот се проширува од досегашните 0,10 до 9.999,99 евра, на минус 9.999,99 до плус 9.999,99 евра за мегават-час.
Од МЕМО посочуваат дека промената ќе им овозможи на учесниците поголема флексибилност и поефикасно управување со пазарните позиции, особено во периодите на зголемено производство од обновливи извори на енергија.
Негативните цени се механизам преку кој пазарот ги одразува реалните состојби на понудата и побарувачката. Тие најчесто се појавуваат кога производството на електрична енергија во одреден период е поголемо од потрошувачката, односно кога има вишок струја на пазарот.
Од компанијата објаснуваат дека негативните цени испраќаат сигнал за потреба од подобро управување со производството, зголемување на потрошувачката или активирање дополнителни капацитети за флексибилност и складирање.
Оваа можност има особено значење за производителите на електрична енергија од обновливи извори. Кај соларните електроцентрали, најголемото производство се остварува во часовите со најсилно сончево зрачење, што може да предизвика зголемена понуда и пад на пазарните цени. Во такви услови, негативните цени создаваат поттик за попрецизно планирање на производството и за инвестирање во батериските системи за складирање.
Од МЕМО нагласуваат дека воведувањето на можноста за доставување налози со негативни цени не значи дека автоматски ќе се формира негативна цена на пазарот. Цените и понатаму ќе зависат од пазарните услови, односно од односот меѓу понудата и побарувачката.
Европското искуство покажува дека негативните цени стануваат сè позастапен дел од пазарите на електрична енергија, особено со растот на производството од обновливи извори. Со новата функционалност, МЕМО настојува да го приближи македонскиот пазар до европските практики и да овозможи подобра интеграција со европскиот енергетски пазар.












