Војната со Иран го чинеше Израел околу 35 милијарди шекели (ILS) или 9,8 милијарди евра буџетски расходи, според првичната проценка на израелското Министерство за финансии, објави Mina-business.
Министерството за финансии соопшти дека американско-израелската војна со Иран предизвикала високи економски трошоци, вклучително и зголемување на владините расходи, од кои некои ќе станат целосно видливи дури во иднина, објави „Тајмс оф Израел“.
Поголемиот дел од трошоците се проценуваат на 22 милијарди шекели за Израелските одбранбени сили, Министерството за одбрана, Министерството за национална безбедност и други безбедносни организации, објави „Танјуг“.
„Овој износ веќе е додаден во буџетот на Министерството за одбрана како дел од државниот буџет за оваа година“, соопшти Министерството за финансии.
Вкупните трошоци за владините планови за компензација на штетите од директни ракетни напади, губење на економскиот принос за бизнисите и неплатено отсуство за вработените се проценуваат на 12 милијарди шекели.
Друга милијарда шекели беа потрошени за цивилни трошоци, вклучувајќи болнички операции, итни интервенции и трошоци на Министерството за социјални работи.












