Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека советници од ВМРО-ДПМНЕ не го поддржале планот за градби на Водно. Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека таквите тврдења се само „ноторна лага“.
– Тоа беше една ноторна лага, дека советниците на ВМРО го поддржале планот. Ако зборувате за иницијативата, тоа е сосема нешто друго – рече Мицкоски, кој прво истакна дека не е запознаен со планот и со ставовите на стручната јавност.
На седницата на Советот на Општина Центар, на 14 јули, дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за нацрт-деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј05-Барутана, со кој се отвора можност за изградба на објекти на Водно, на место каде што се предвидува сечење шума. Нацрт-планот беше изгласан со 13 гласа „за“ од советниците на СДСМ, а рака кренаа и советници од ВМРО-ДПМНЕ. Против ваквиот план застанаа советниците од „Шанса за Центар“, Левица и ЗНАМ, како и поединци од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои не го поддржаа предлогот.
Граѓани и дел од стручната јавност реагираа веднаш по изгласувањето на нацрт-планот, со предупредувања дека станува збор за сериозна опасност за Водно и за Скопје. Тие алармираа дека со уништување на зеленилото и пробивање инфраструктура на стрмен терен може да се зголеми ризикот од ерозија и свлечишта.
Советниците што се против планот рекоа дека се работи за простор кој по Втората светска војна бил пошумуван токму за да се заштити Водно од ерозија. Според противниците на планот, предвидени се 13 објекти со големи површини за градба, а со дополнителната инфраструктура би се создал дополнителен притисок врз Водно и врз градот.
Планот сега треба да помине низ јавна анкета, каде што граѓаните ќе можат да достават забелешки. Потоа следува изработка на конечната верзија, која повторно ќе треба да се најде пред советниците на Општина Центар, а од нивното кревање рака ќе зависи дали Водно и натаму ќе остане заштитено зелено богатство или ќе стане нова градежна зона.












