Mинистерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, најави дека во текот на наредниот месец ќе започне јавна расправа за новиот Закон за заштита на природата.
Според него, со оваа законска регулатива суштински се унапредува заштитата на природните екосистеми, со акцент на зачувувањето на шумските предели.
– Шумите претставуваат еден од најзначајните столбови на нашето природно богатство, кои, покрај тоа што се дом на богат биодиверзитет, обезбедуваат чист воздух и вода и имаат клучна улога во ублажувањето на ефектите од климатските промени. Интегралната заштита и стратешкото управување со овие ресурси се од суштинско значење за одржување на природната рамнотежа и за обезбедување еколошка стабилност на државата – вели Хоџа.
Министерството за животна средина и просторно планирање упатува отворен повик до надлежните институции, стручната заедница и до граѓанскиот сектор за активна вклученост во претстојниот консултативен процес.
– Заштитата на природата е заедничка општествена одговорност и директна инвестиција во иднината, поради што е неопходен широк придонес во креирањето квалитетно и сеопфатно законско решение, кое ќе одговори на современите еколошки предизвици – потенцираат од Министерството.












