петок, јуни 5, 2026
Дома МАГАЗИН Министерот Љутков заедно со Давид Темелков емотивно ја пееше патриотската „Мојата Македонија“!!!

Министерот Љутков заедно со Давид Темелков емотивно ја пееше патриотската „Мојата Македонија“!!!

350

– Песната е подарок од мене за татковината Македонија и јас сум горд што сум Македонец. Тука сум роден, тука сум пораснал. Македонија ме пораснала, со сѐ она што го носам во срцево за неа, за луѓето што живеат во неа. Сето тоа го преточив во стих, го преточив во песна. Ти благодарам, мајко, што сум роден во оваа земја! Верувајте во добро, верувајте во чуда, тие постојат. Токму вака, „на прва топка“, може да се опише првиот солистички концерт на нашата музичка надеж – 33-годишниот Даниел Темелков (во јуни ќе наполни 34 години). Неговиот сон се оствари. Во своето родно Скопје, тој направи нешто за што уште долго ќе се раскажува. А, тоа нешто е неговиот концерт во новиот Македонски народен театар. Mомче со магичен глас и со интересни сценски движења, поради што го споредуваат со ангелот Тоше. Но, тој си е свој на своето. А, тоа негово е сцената за која живее и со која дише уште од детството.

Давид Темелков дефинитивно ги освои нашите срца, исто како и пред многу години, кога ги освои срцата и симпатиите во музичкото мегашоу за таленти „Икс-фактор Адрија“. Сега и многу, многу повеќе откако ја има хит-песната – патриотската „Мојата Македонија“. Патриотска химна, која допре до срцата на голем број Македонци и со која ја зацврсти својата позиција на македонската естрада. На концертот во МНТ, тој ја испеа со многу емоции, елегантно, шармантно и притоа квалитетно. Публиката пееше со него, а од публиката и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој му беше специјален гостин. Давид ги напиша текстот и музиката за „Мојата Македонија“, а аранжманот го направи со Александар Јовевски, кој во песната свири на кавал. Музички продуцент е Домагој Перишиќ. Исто така, снимен е и спот, своевидна разгледница со природните убавини на Македонија.

              – Оваа песна е подарок од мене за татковината Македонија. Тука сум роден, тука сум пораснал. Македонија ме пораснала, со сѐ она што го носам во срцево за неа, за луѓето што живеат во неа. Сето тоа го преточив во стих. Ти благодарам, мајко, што сум роден тука! Воедно, сакам да се знае дека песната и спотот не се спонзорирани од ниту една политичка партија, ниту се дел од каква било политичка кампања. Оваа песна ѝ служи исклучиво на Македонија, на сите нас – емотивно објасни Давид.Својата естрадна кариера успешно ја гради и во Хрватска, каде што е среќно оженет со Хрватката Елена Јунг од Пула, но во секој поглед е врзан за родната грутка, самиот кажувајќи дека е „многу горд што е Македонец“. Атрактивниот поп-пејач честопати истакнува дека личноста поради која ја засакал македонската народна музика и поради која песната е негов животен пат, е неговата мајка. Дури еднаш, во една пригода, се имаат снимено како ја пеат македонската безвремена „Учи ме, мајко, карај ме“, песна од репертоарот на македонската музичка легенда, Александар Сариевски.Овој концерт, кој ни го приреди Давид за срце и душа, беше исполнет со најразновидни песни, и домашни и странски. Некои испеани со пријателите од детството, зад вистинската кафеанска маса донесена на самата сцена, кога ги крена сите на нозе, пеејќи ја со својот моќен глас добро познатата и омилена македонска народна патриотска песна, „Налеј, налеј, меанџике, налеј“.                                      Особено интересен беше моментот кога на самата сцена Александар ја побара својата девојка Тамара за жена. Тие посакаа да го имаат тој важен момент на концертот на својот музички миленик. Публиката воодушевена долго аплаудираше, пријатно изненадена од овој весел, неочекуван настан. Давид ги почести со неколку песни, посакувајќи им долг, среќен живот во љубов и разбирање.                                            –                                  И што уште да се каже за концертот за кој треба да жалат оние што го пропуштија, бидејќи има така некои концерти од некои други пејачи на кои присуствувавме како естрадни новинари, а кои лесно се забораваат. Овој концерт на Давид, иако прв, ќе се памети, од многу причини. Најмногу поради тоа што беше исполнет не само со убави песни, со извонредна интерпретација, со одличен избор на вечерни костуми (што е, исто така, важен дел од спектаклот) туку беше и концерт полн со душа, со љубов кон родната Македонија. Секоја солза забележана на лицата од некои на присутните нè убеди дека е така, дека Давид ја постигна својата професионална цел, на луѓето им ги извлече емоциите, им подари песна, убава македонска. Едвај чекаме нов концерт, нова музичка средба со овој исклучително талентиран и комуникативен пејач.

Дуле МИЌИЌ  (текст и фото)

 

 

ИЗДВОЕНИ