Страшна сообраќајна несреќа ја вознемири македонската јавност, откако во директен судир меѓу камион и автомобил на скопската обиколница загинаа четири лица. Меѓу жртвите се баритонот и првенец на Националната опера и балет Ристе Велков, неговиот 20-годишен син, како и уште двајца млади скопјани.
Несреќата се случила во четвртокот, околу 23 часот, на делот од обиколницата меѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци – делница што ноќе е слабо осветлена и по која често поминуваат тешки товарни возила.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 76-годишниот Б.Б. од Косово, управувајќи камион „МАН“ со полуприколка и косовски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото, ја пробил металната заштитна ограда и преминал во спротивната лента. Во тој момент директно се судрил со „БМВ“ со скопски таблички, управувано од 51-годишниот Ристе Велков.
Ударот бил силен и фатален. Веднаш по судирот избувнал пожар, при што автомобилот „БМВ“ речиси целосно изгорел, а пламен ја зафатил и кабината на камионот. Противпожарни екипи интервенирале со часови, додека полицијата го обезбедувала местото на несреќата.

На самото место починале Ристе Велков, неговиот син А.В. (20), како и П.М. (20) и М.Ѓ. (20), сите од Скопје. Поради тежината на несреќата и пожарот, идентификацијата на жртвите траела со часови, а телата биле предадени на обдукција. Истражните органи работеле цела ноќ на терен. Сообраќајот на скопската обиколница беше затворен и пренасочуван речиси шест часа, сè до раните утрински часови.
Според првичните информации, една од можните причини за трагедијата е тоа што возачот на камионот изгубил контрола поради замор, но официјалните причини допрва ќе се утврдуваат. Возачот е приведен и задржан во полициска станица, а по завршување на истрагата ќе биде поднесена соодветна пријава.

Веста за смртта на Ристе Велков предизвика шок и тага кај колегите и јавноста. Велков важеше за еден од најпрепознатливите баритони во земјава, со повеќе од две децении кариера и десетици улоги на сцената на Националната опера и балет. (П.А.)












