Марин ле Пен, кандидатката од крајната десница на француските претседателски избори, денеска изјави дека нема да патува никаде за време на изборната кампања.
Во интервју за телевизискиот канал „Франс 2“ (France 2) и радиостаницата „Франс Интер“ (France Inter), таа рече дека ја одбила поканата од Володимир Зеленски да го посети Киев, објаснувајќи дека нема да патува во странство за време на претседателската кампања.
„Нема да патувам никаде. Таква е одлуката“, изјави Ле Пен.
Оваа одлука да не патува претставува промена во однос на нејзината кампања од 2017 година, кога таа често патуваше во странство – при што се сретна и со Владимир Путин во Кремљ.
Во октомври, Марин ле Пен и Володимир Зеленски имаа остра размена на ставови од далечина во врска со позицијата на кандидатката од крајно десничарската партија „Национален собир“ – конкретно, нејзиниот предлог за прекин на финансиската помош за Украина, доколку таа биде избрана за претседателка на Франција.
Тогаш, украинскиот претседател ја покани да дојде и да разговараат за тоа прашање.
Ле Пен изрази подготвеност за средба, но предложи тоа да биде во Брисел, со образложение дека тој град би бил соодветно место за дискусија за финансирањето на Украина, со оглед на тоа што прашањето е од претежно европски карактер.
Француските претседателски избори ќе се одржат во два круга, на 18 април и на 2 мај 2027 година. Според најновите анкети, Ле Пен е фаворит за влез во вториот круг, пренесе „Бета“.












