– Фолклорот сам по себе ни е мотивација. На секоја проба го имаме чувството на исчекување додека да почнеме со играње, свирење и пеење. Тоа многу нè исполнува и нè прави среќни. Едноставно е, фолклорот ни е во генот, а душата ни е полна додека свириме и пееме… вели Никола Стојов (23), кој заедно со Бобан Анакиев (25) се фронтмени на фолклорниот ансамбл „Осоговски извор“ – Оризари, Кочани, но и млади изработувачи на народни инструменти. Токму со нив, за весникот ВЕЧЕР разговаравме за посветеноста и за љубовта кон нашата изворна македонска музика и песна. Доказ за нивната посветеност се и наградите што ги добиваат на своите настапи

 

Нивната приказна е нашето минато, но и нашата иднина. Во време кога традицијата полека исчезнува под притисокот на современото живеење, група млади ентузијасти, членови на ансамблот „Осоговски извор“ од Оризари, Кочани, покажуваат дека македонскиот фолклор има свои верни чувари. А „Осоговски извор“ не е само ансамбл — тоа е и место каде што живеат македонските ора, песни, инструменти и духот на предците. Со настапи низ Македонија и надвор од неа, овие млади луѓе со неверојатна љубов кон своите корени, ја претставуваат земјата со љубов, гордост и искрена посветеност. Токму со Никола Стојов (23), кој заедно со Бобан Анакиев (25), се фронтмени на овој фолклорен ансамбл, но и млади изработувачи на народни инструменти, разговаравме за посветеноста и љубовта кон нашата изворна македонска музика и песна. Доказ за нивната посветеност се и наградите што ги добија оваа година.

– За нас, ова се многу значајни награди бидејќи се работи за први и втори награди. На фестивалот „Тодорица“ во Свети Николе ја добивме првата награда за најдобро вокално пеење. На „Велигденски средби – Ораовица“ добивме втора награда за најдобра сценска изведба, а во селото Ињево, на фестивалот „Гајда“, кој се одржа по 30. Пат, освоивме второ место за комплетен настап на ансамблот. Една од најзначајните награди ја добивме на фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Долнени, Прилеп, каде што наградата „Гајдата на Пеце“ отиде во рацете на Дејан Лазаров, член на нашиот ансамбл, и тоа во конкуренција на 250 учесници, вели со гордост Стојов.

 Приказната наречена „Осоговски извор“

Но, за тоа како, всушност, почна приказната на Фолклорниот ансамбл „Осоговски извор“ и што ги мотивираше овие млади луѓе да се посветат и да го негуваат токму македонскиот фолклор, Стојов вели: – Приказната на ансамблот започна неколку години пред неговото основање во 2017, по моја иницијатива, и благодарение на целиот состав на оркестарот имаме остварено многубројни фестивали во државата и во странство како изворен оркестар. Подоцна, дојдовме до идеја нашата работа да ја подигнеме на повисоко ниво, да оформиме ансамбл кој ќе ги негува македонските народни ора и песни. Што се однесува до мотивацијата во оваа работа, можам да кажам дека, едноставно, фолклорот, сам по себе, ни е мотивација. Ние за секоја проба го имаме чувството на исчекување додека да почнеме со играње, свирење и пеење. Тоа многу нè исполнува и нè прави среќни. Едноставно е, фолклорот ни е во генот, а душата ни е полна додека свириме и пееме.

Називот на Ансамблот „Осоговски извор“ не е случајност. Во 1972 година е формиран ансамбл со овој назив, предводен од браќата Стојанови, кои се едни од најважните промотори и негувачи на осоговскиот мелос. Во нивна чест и бидејќи мисијата, вели Стојов, им е иста, да се сочува од заборав фолклорот од пределот на Осоговските Планини, младите вљубеници во македонскиот фолклор и изворна македонска музика му го дадоа ова име на ансамблот. Инаку, како што вели Стојов, со Анакиев уште од многу мали биле членови на разни фолклорни друштва и свиреле на народни инструменти. Кога, пак, браќата Стојанови престанале да свират, и кога друштвото замрело, тие одлучиле повторно да го активираат.

– Фолклорот го претставува нашиот идентитет, кои сме, што сме и од каде сме. Ние, фолклористите, веднаш се распознаваме од кој дел на Македонија доаѓаме по нашата носија, начинот на пеење и мелосот. Ние имаме должност кон нашите предци да продолжиме со негување на фолклорот и да ги сочуваме нашите корени од заборав. А чувството… тоа тешко се опишува со зборови. Да можете да влезете во нашите опинци, па да почувствувате. Во тој момент сме исполнети со живот и срцето ни е полно, вели Стојов.

Младите и фолклорот

Но, за тоа колку денес младите се заинтересирани за традиционалната музика и ора и дали успеваат да ги заинтересираат да им се придружат во мисијата на зачувување на нашето музичко и фолклорно културно наследство, Стојов, членот на овој ансамбл кој расте вели: –Ова е многу деликатно прашање. Би рекол дека интересот кај младите е поделен. Дел од нив со многу голема љубов се приклучуваат кон друштвото и имаат желба да изучуваат некој музички инструмент, да играат и да пеат. Тие искрено се заинтересирани за традиционалната музика и ора и сакаат да бидат дел од нивното зачувување и негување. Но, исто така има млади кои со презир гледаат кон фолклорот. Гледаат како на нешто старомодно, дури и на некој начин „срам“ да се занимаваат со фолклор и повеќе се насочени кон современите трендови и содржини. Нашето искуство покажува дека кога ќе им се доближи вистинската вредност на фолклорот, кога традицијата ќе им се претстави на вистински начин – преку дружење, настапи, патувања и чувството на припадност, младите лесно ја препознаваат неговата убавина. Затоа постојано работиме на нивна мотивација и вклучување. Сметам дека успеваме да ги заинтересираме, а најдобар доказ за тоа се младите кои ни се придружуваат и остануваат дел од нашата приказна и активно придонесуваат за нејзиниот развој.

За тоа, пак, колку е важно старите песни, носии и обичаи да се пренесуваат на новите генерации, ова младо момче вели дека не случајно се користи зборот богатство – македонско нематеријално културно богатство, музичко богатство. Песните, носијата, обичаите, преданијата, ората, со еден збор, фолклорот, вели, е нашиот идентитет и затоа, мора да се трудиме што повеќе да учиме од постарите и се од наученото да пренесеме понатаму.

Изработка на инструменти и собирање на старини

Интересно е што освен играње ора, пеење и свирење, тие изработуваат и инструменти, но и собираат старини. Го прашавме Стојов од каде идеја и за ваков ангажман.

– Во Оризари беше познат Моне Димитров – мајстор за изработка на тамбури и кеманиња. Со него и свиревме, па така и покрај него почнавме и со изработка на народни инструменти. Прво изработувавме тамбури, а потоа и сите други изворни инструменти кавал, свирче… Ние и изработуваме и продаваме инструменти и можам да кажам дека најмногу се бараат тамбури и гајди. Притоа користиме јасен и орев како дрво за нивната изработка. Дел правиме со машини, а дел рачно. Исто така, за да функционира Ансамблот, потребна ни беше и носија. Носијата ја собиравме од постари лица од Кочани, кочанските села и селата на Осоговските Планини. За среќа, ја имаа сочувано во одлична состојба. Исто така, тука се и народните инструменти. Пресреќни сме кога ќе наидеме на некој инструмент и ќе ја дознаеме неговата историја. На пример, гајди изработени од прилепчанецот Орде Петров, ќемане во изработка на Ристо Стојанов, гајдата на Коле Вранински итн…

Токму нивниот ентузијазам и професионалност, но пред сè, огромната љубов и посветеност, ги водат на бројни фестивали во државата, но и надвор од нејзините граници…

– Ние сме доста млад ансамбл. Активно работиме веќе четврта година и на почеток ни требаше време додека да не запознаат дека постоиме. Ансамблот бележи голем број настапи во градовите низ Македонија, настапи во нашиот град Кочани, во Виница, Истибања, Пехчево, Делчево, Радовиш, Струмица, Скопје, Свети Николе, Вевчани, Прилеп, Гевгелија и Битола. Активно настапуваме и во странство и имаме остварено настапи во Србија, Бугарија и Турција. Во странство имаме остварено концерти во Белград, Р Србија, два концерти во Сатовча, Бугарија и два концерти во Мугла, Турција. Настапите во странство ни се омилени бидејќи тие неколку дена додека сме заедно, секоја минута е исполнета со музика, забава, смеа, разговори и дружење. А интересот од страна на публиката е секогаш голем бидејќи се држиме до изворната музика, и без стилизации на песните. Автентични сме и особено се интересни хумористичните песни од нашиот крај, кои никаде не ги слушнале.

 

Поддршка за младите ентузијасти

Одлуката да се занимаваш со фолклор и да ја негуваш љубовта кон она изворното, македонско, наидува на бројни предизвици, па така и овој млад ансамбл има бројни проблеми.

– Се соочуваме со повеќе предизвици, како финансиски, така и организациски. Најголем проблем е недостатокот на финансиска поддршка за набавка на носии, инструменти, превоз и организација на настапи. Дополнително, во помалите средини, има сè помал број млади кои активно се вклучуваат во фолклорот, бидејќи интересите се насочуваат кон други активности или младите се иселуваат во поголемите градови и во странство. Друг чест предизвик е недоволната поддршка од институциите и ограничените можности за настапи и културна промоција. Многу ансамбли функционираат благодарение на ентузијазмот на членовите и раководителите, кои често работат доброволно. Исто така, одржувањето на традицијата бара постојана работа, истражување и пренесување на автентичните ора, песни и обичаи на помладите генерации, што не е секогаш лесно во современото време. Сепак, она што ни е најпотребно е поддршката од општината и Министерството за култура. Сметам дека сите фолклорни друштва треба подеднакво да бидат поддржани бидејќи сите ние ја претставуваме нашата држава и нашата култура и ја чуваме од заборав, и затоа не треба да има привилегирани, вели Стојов. А го прашавме и каква порака им испраќаат како фолклорно друштво на младите, но и на сите останати кои не ги знаат значењето и важноста од зачувувањето на македонскиот фолклор?

–Младите мора да си ги знаат и да си ги почитуваат својата традиција и својата култура. Точно е дека живееме во „модерно“ општество и ни се пласира се и сешто, а ние треба да бидеме паметни и да одбереме на што ќе го посветиме нашето драгоцено време, одговора на нашето прашање.

Нивната мисија не застанува, напротив тие и понатаму цврсто газат по патот што го избрале. Македонскиот фолклор и музичкото наследство ќе го претставуваат насекаде низ државата и светот.

– Колку повеќе членови, толку подобро. Да го прошириме нашето семејство и да продолжиме со исто темпо да го презентираме нашиот фолклор во републиката и надвор од неа. Ќе настапуваме во Охрид, Вевчани, Скопје и Струмица, како и надвор од државата, во Бугарија, Турција… велат младите што ја сакаат својата татковина, своите корени и земјата по која чекорат…

Даниела ТРАЈКОВСКА

 

ИЗДВОЕНИ