Од 3 до 6 септември 2026 година, во Шибеник и околината во организација на Хрватско-македонска тангента, ќе се одржат Денови на македонската култура, меѓународна културна манифестација која ги поврзува Хрватска и Северна Македонија преку литературата, уметноста, културата, а средбите на истакнати автори и културни работници поттикнуваат нови културни соработки и пријателства.
На настанот ќе присуствуваат бројни истакнати учесници од Хрватска, Северна Македонија и регионот – вклучувајќи писатели, професори, новинари, публицисти, уметници, претставници на културни и јавни институции, како и значајни личности од политичкиот, стопанскиот и општествениот живот.
Свечено отворање во „Civitas Sacra“
Свеченото отворање ќе се одржи на 3 септември 2026 година, во 20:00 часот, во „Civitas Sacra“ во Шибеник.
Се очекува на настанот, кој е во светло на одбележувањето на 35-годишнината од осамостојувањето на Република Македонија и 8 Септември – Денот на независноста, да присуствуваат угледни гости, меѓу кои: Јадранка Косор, поранешна премиерка на Република Хрватска, Зоран Димитровски, заменик-министер за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Драган Ѓурчевски, македонски амбасадор во Загреб, проф. др. Марјан Бојаџиев, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Пашко Ракиќ, жупан на Шибенско-книнската жупанија, д-р Жељко Буриќ, градоначалник на Шибеник, како и истакнати личности од европските институции и од политичките и општествените кругови во Брисел, Хрватска и Македонија.
Како дел од свеченото отворање, ќе биде претставена и книгата „Мајка Тереза – Гонџа од Скопје, светица на сиромашните“ од авторката Јасмина Миронски од Скопје.
Книгата нуди увид во животот и делото на Мајка Тереза – родена како Гонџа Бојаџиу во Скопје – чија хуманост прерасна во универзална порака за солидарност, љубов и помош за луѓето, без оглед на националноста, религијата или потеклото.
„Од остров на копно (Македонија) до остров на море (Зларин)“
Програмата продолжува на 4 септември 2026 година на островот Зларин, каде што во Центарот за корали, со почеток во 10:30 часот, ќе се одржи меѓународен книжевен собир насловен „Од остров на копно (Македонија) до остров на море (Зларин)“.
Станува збор за посебен книжевен и културен настан замислен како можност за поврзување на автори и интелектуалци од различни средини. Меѓу учесниците ќе бидат професори, писатели, новинари и публицисти од Скопје, Загреб, Задар, Шибеник, Зларин, Белград и други градови.
Во рамките на настанот ќе биде претставена најновата книга на Јадранка Косор, „Žene koje mašu rukama“ („Жени што мафтаат со рацете“), а програмата ќе опфати и книжевни дискусии и читање поезија. Од Македонија ќе учествуваат и Снежана Стојчевска, директорка на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и писателката Фросина Пармаковска.
Собирот на Зларин е замислен како форум за отворен дијалог за книжевноста, културата и општеството, но и како симболична врска што го поврзува македонското копно со далматинскиот остров и хрватскиот дел на Јадранот.
Културна вечер во Пировац
На 5 септември 2026 година, во Пировац ќе се одржи посебна културна вечер посветена на поезија од хрватски автори, преведена на македонски јазик и објавена во списанието „Елементи“ (превод на Сашо Огненовски).
Оваа програма дополнително ќе ја претстави хрватската книжевност во македонски превод и ќе ја истакне важноста на книжевниот превод како клучно средство за поврзување на двете култури.
Четири дена култура и меѓународна размена
„Деновите на македонската култура во Шибеник“ опфаќаат богата четиридневна програма што ги поврзува Шибеник, Зларин и Пировац; преку книжевни средби, промоции на книги, дискусии, поетски настани и претставување на културното наследство, настанот создава простор за директна интеракција меѓу хрватските и македонските автори и културни работници.
Настанот има и поширока меѓународна димензија, обединувајќи учесници од различни европски и регионални средини. Посебна вредност на програмата е тоа што културата не ја претставува само како уметничка содржина, туку и како мост што поврзува луѓе, градови, острови и нации.
Манифестацијата се одржува под покровителство на Советот за национални малцинства на Република Хрватска и Градот Шибеник, со поддршка од Шибенско-книнската жупанија, Туристичката заедница на Шибенско-книнската жупанија, Туристичката заедница на градот Шибеник, Туристичката заедница на Зларин и Општина Пировац.
„Деновите на македонската култура во Шибеник“ покажуваат дека културата и литературата можат да послужат како моќен мост што ги поврзува Хрватска и Северна Македонија, како и место за средба на различни генерации, гледишта и културни искуства.













