Неискосената трева во повеќе делови од градот им создава проблеми на скопјани и страв од змии, откако на социјалните мрежи почнаа да се појавуваат фотографии со влекачите, наводно направени деновиве, во разни делови од Скопје. – Во тревите не само змии туку и мечки ќе почнат да се кријат. Излезете и прошетајте покрај Вардар, до салата „Јане Сандански“, да ја видите глетката со висока трева – реагираат жители од Аеродром. Засега ниту во градот, ниту во скопските општини, ниту, пак, на ниво на државата има служба што би се справувала со овој проблем, само главниот зоонегувател во скопската Зоолошка градина, Сашо Панчев, и зоонегувателот Војо Иванов им помагаат на луѓето што ќе се соочат со змија во своите дворови, подруми… Панчев вели дека го има неговиот телефонски број во БППЗ на Град Скопје, во полицијата и во ЦУК и дека веќе му се обратиле граѓани за интервенција
Неискосената трева во повеќе делови од градот им создаде проблеми на скопјани. Граѓаните се жалат дека неурдените јавни зелени површини се причина да се појават змии, кои вознемируваат, иако, како што коментираат дел од нив, не се отровни. Според информациите што се споделуваат на социјалните мрежи, биле забележани змии на патот меѓу Горно и Долно Лисиче, потоа во близина на Кванташкиот пазар, како и во населбата Аеродром, на улицата „Владимир Комаров“, број 27.
Жителите на Аеродром коментираат дека исто како и минататa година, парковите низ Општината се неискосени.
– Во тревите не само змии туку и мечки ќе почнат да се кријат. Излезете и прошетајте покрај Вардар, до салата „Јане Сандански“, да ја видите глетката со висока трева – ги повикува надлежните жител на Аеродром.
Жителите велат дека иако се обратиле за забележаните змии на телефонскиот број 112, од Центарот за управување со кризи им дале број од приватно лице што доаѓа на повик за да го ангажираат, бидејќи, како што им било објаснето, нема надлежна служба што може да се справи со овој проблем.
Други, пак, на социјалните мрежи, даваат примери за интересни емисии на „Дискавери ченел“, на кои било прикажано дека во Австралија има поединци што ловат змии, кои ги пуштаат подалеку од населените места и дека станува збор за најотровните змии во светот.
– Луѓето имаат телефони од нив, ги повикуваат и завршена работа. Ние или политизираме или ги убиваме – коментираат граѓани.
Како што потврди Сашо Панчев, главен зоонегувател во скопската Зоолошка градина, во општините и во државата нема посебна служба што би можела да се справи со овој проблем.
– Ние сме двајца, јас и мојот колега зоонегувател Војо Иванов, кои помагаме во случај да пријави некој граѓанин од Скопје и околината дека има змија во неговиот двор, подрум… за да ја отстраниме ние. Одиме да им помагаме на луѓето, но тоа, сепак, е трошок. Проблемот треба да се реши на ниво на градот, општината и државата. Потребно е да има посебна служба, како што е ЈП „Лајка“ за третирање на кучињата, која би реагирала, па луѓето ќе знаат кому да му се обратат – смета Панчев.
Тој додава дека го има неговиот телефонски број и во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, во полиција и во Центарот за управување со кризи.
Сашо смирува и објаснува дека во Скопје и околината нема отровни змии, освен ако случајно се донесени со возило од планините, без да бидат забележани.
– Во Скопје и околината има три вида смокови и два вида водни змии, кои не може да убијат луѓе. Доколку не се вознемирува, змијата ќе го напушти местото. Тие доаѓаат по храна (глодачи, гуштери, жаби) – информира Сашо.
Тој нагласува дека кога одат да отстранат змија од нечиј двор или подрум, не ја убиваат, туку само ја дислоцираат.
– Змијата се става во сад или во вреќа и потоа се пушта во природа, на планина, како, на пример, во Скопска Црна Гора – нагласува Панчев.
Досега тој имал две интервенции, во Бутел, пред еден месец, кога од котларницата во домот „25 Мај“ дислоцирал смок, а втората била во селото Бардовци, пред дваесетина дена, кога од двор на куќа, исто така, отстранил смок.
Од Град Скопје претходно соопштија дека тие не се директно надлежни за дератизација и постапување при појава на змии, влекачи или глодачи, туку дека според Законот за Град Скопје, оваа обврска им припаѓа на десетте скопски општини, кои се задолжени за дезинфекција, дезинсекција и дератизација на населените места.
Што се однесува до редовното одржување на јавните зелени површини и косењето на тревата, од ЈП „Паркови и зеленило“ одговорија дека во изминатиот период нивните теренски екипи со засилена динамика работеле на косење на тревните површини низ градското зеленило, кое е под ингеренции на Град Скопје.
– Со сите расположливи капацитети, интензивно се косат тревните површини во повеќе реони низ градот што се под наша надлежност. Активностите се реализираат согласно со утврдениот план за работа и годишната програма на претпријатието, а во наредниот период ќе продолжат редовното одржување и уредувањето на јавните зелени површини, со цел зголемување на безбедноста и хигиената во градот – наведуваат од претпријатието.
Од Општина Карпош, пак, соопштија дека, како дел од редовните пролетни активности, вчера почнала акција за косење на зелените површини во населбата Бардовци, во која учествуваат околу 40 работници.
– Лицата задолжени за одржување на хигиената во Општината уште во раните утрински часови почнаа со косење на јавното зеленило од двете страни на коловозот кај локалитетот Скупи, а во моментов активно се работи на повеќе локации низ населбата Бардовци – информираа од локалната самоуправа, нагласувајќи дека општинските служби за одржување на чистотата ќе продолжат со истата динамика за средување на зелените површини и во другите населени места во Карпош.
(А. П.)












