Неколку земји-членки на Европската унија ќе пуштат на пазарот приближно 42,6 милиони барели нафта – од кои половината е дизел – земени од нивните стратешки резерви, изјави европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен.
Овој потег е во согласност со заложбата преземена во рамките на Г7, која има за цел да го ограничи растот на цените на бензинските пумпи.
„Земјите-членки на ЕУ ја потврдија својата посветеност во текот на наредните месеци да стават на располагање 42,6 милиони барели од своите стратешки резерви, при што околу половина од таа количина отпаѓа на дизел“, изјави Јоргенсен по состанокот на министрите за енергетика на ЕУ во Луксембург, пренесува францускиот весник „Ле Фигаро“.
Оваа нафта се повлекува од стратешките резерви на земјите и ќе се појави на пазарот во текот на следните неколку месеци, во согласност со заложбата преземена во рамките на Г7.
Претходно овој месец, Групата седум (Г7) – која ги опфаќа најиндустријализираните нации во светот – се согласи да ослободи 100 милиони барели нафтени деривати од стратешките резерви во текот на четиримесечен период, со цел да влијае врз цените на бензинските пумпи, пренесе „Бета“/











