вторник, јули 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Мицкоски: Земјоделството бележи напредок, акумулациите се над 70 проценти

Мицкоски: Земјоделството бележи напредок, акумулациите се над 70 проценти

0

Владата постигна значителен напредок во земјоделскиот сектор, оценува премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека состојбите денес се подобри во споредба со пред една година.

Како клучни резултати ги наведе зголемената исполнетост на акумулациите за наводнување, редовната исплата на субвенциите, подобрувањето на состојбата во јавните претпријатија, како и растот на производството и откупните цени на тутунот и грозјето.

При посетата на Општина Илинден, Мицкоски истакна дека во август минатата година, акумулациите биле исполнети само осум проценти, додека денес нивото надминува 70 проценти.

„Со домаќинско работење и начинот на кој функционира оваа Влада, капацитетот на акумулациите е зголемен речиси десеткратно. Треба да се гледа како било претходно и каква е состојбата денес“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека при преземањето на власта имало доцнења со исплатата на субвенциите, како и неисплатени плати во водостопанството и Национални шуми. Според него, состојбата сега е стабилизирана, а деблокиран е и кредитот од 80 милиони евра од КФВ Банката за три нови проекти за наводнување.

Мицкоски посочи и на растот кај тутунот и лозарството. Откупот на тутун, според него, е зголемен од 16 на 26 милиони килограми, а откупната цена од 150 – 160 на 420 –430 денари за килограм. Кај лозарството се очекува род од околу 120 милиони килограми, наспроти 60 до 70 милиони килограми претходно.

Тој најави дека Владата ќе продолжи со политики за модернизација и развој на земјоделскиот сектор.

ИЗДВОЕНИ