До 18 часот денеска во земјава се регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор, од кои два сè уште се активни, додека пет се целосно изгаснати.
Според информациите, активни се пожарите во Општина Прилеп, на местото викано Маркова Чешма, каде гори ниска вегетација, како и во Општина Василево, во селото Нова Мала, каде исто така е зафатена ниска вегетација.
Во меѓувреме, изгаснати се пет пожари и тоа во Општина Струмица, кај селото Банско, каде горела депонија, во Општина Штип во населбата Света Недела, каде биле зафатени ниска вегетација и борова шума, во прилепското село Ропотово, во липковското село Матејче и во струшкото село Заграчан, каде горела ниска вегетација.
Надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен и интервенираат на активните пожари.












