Земјоделските површини во Македонија во последните десет години се намалиле за околу 2,5 проценти, но кај повеќе од клучните земјоделски култури производството расте благодарение на повисоките приноси.
Според податоците на Државниот завод за статистика, земјоделската површина од 1,264 милиони хектари во 2015 година се намалила на 1,233 милиони хектари во 2025 година.
Најдобар пример за овој тренд е пченицата. Површините под пченица се намалиле за околу 11 проценти – од 73.979 на 65.925 хектари. Сепак, производството пораснало за 27 проценти, од 201.218 на 256.199 тони. Растот е резултат на значително повисокиот принос од хектар.
Сличен тренд има и кај компирот. Иако се намалиле површините за 14 проценти, производството се зголемило од 189.408 на 203.758 тони, благодарение на повисокиот принос.
Пиперката е меѓу најуспешните градинарски култури. Насадените површини се зголемиле за 4,5 проценти, а производството од 189.443 тони во 2015 година достигнало 244.043 тони во 2025 година. Во истиот период, приносот од хектар пораснал од 21.985 на 27.017 килограми.
Има раст и кај јачменот, каде што производството и приносот се повеќе од 50 проценти повисоки во споредба со 2015 година.
Сепак, трендот не е ист кај сите култури. Оризот бележи пад на површините од 38,5 проценти, додека производството е намалено за 37 проценти. Намалени се и површините под пченка, грав и краставици.
Најголем пад на производството кај зеленчукот е забележан кај краставиците и кај доматите. Производството на краставици од 66.830 тони во 2015 година паднало на 32.536 тони во 2025 година. Кај доматите, производството се намалило од 173.434 на 112.645 тони.
Податоците покажуваат дека македонското земјоделство во последната деценија минува низ значајни структурни промени: се обработуваат помалку земјоделски површини, но кај дел од најважните култури приносите од хектар значително се зголемени.
Најголем раст на приносот е регистриран кај пиперката, со зголемување од околу 5.000 килограми од хектар. Има значителен раст и кај компирот и кај кромидот.
Од друга страна, кај доматите е намален приносот од 30.740 на 20.945 килограми од хектар, додека кај краставиците падот е особено изразен во последните години.












