Проширувањето на понудата на пазарот на капитал преку воведување нови финансиски инструменти, како и нови емисии на акции и обврзници, останува еден од главните предизвици за Македонската берза. Ова го истакна главниот извршен директор, Иван Штериев, на годишната конференција на Берзата во Охрид, по повод 30 години од нејзиното основање.
Според Штериев, вкупниот промет на Берзата до 15 септември изнесувал околу 89,8 милиони евра, што е за осум проценти помалку од тој период минатата година. Класичното тргување е намалено за 27 проценти, додека блок-трансакциите се зголемени за околу 159 проценти. Индексот МБИ10 на 15 септември изнесувал 9.151 поен, односно 8,9 проценти помалку во однос на крајот на 2025 година.
Како важни активности за развој на пазарот, Штериев го посочи проектот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку кој домашните компании ќе се подготвуваат за финансирање преку пазарот на капитал. За десет места во програмата се пријавиле повеќе од 20 компании.
Дополнителна можност се очекува преку регионалниот проект „Junctus“, во кој учествуваат осум берзи од Централна и од Југоисточна Европа. Како прв резултат се очекува регионален ETF со акции од македонскиот пазар, кој би бил котиран и на Македонската берза. Неговото лансирање е планирано за втората половина на 2027 година.
Штериев истакна дека расте и интересот на домашните инвеститори за странски хартии од вредност. Минатата година, преку домашните членки на странските пазари бил реализиран промет од над 110 милиони евра, а во првите шест месеци од годинава над 89 милиони евра. Затоа, според него, треба да се разгледа воведувањето на т.н. македонски инвестициски сметки, кои би поттикнале долгорочно инвестирање и поголемо учество на граѓаните на пазарот.
Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Бујаре Абази, истакна дека еден од клучните предизвици е активирањето на значителниот, но недоволно искористен домашен капитал. Таа нагласи дека не треба да се гледа пазарот на капитал како конкуренција на банкарското кредитирање, туку како негово дополнување, особено за финансирање поризични, иновативни и развојни проекти.












