среда, јули 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Во Македонија, 168 пациенти чекаат бубрег, 37 срце – од 1...

Во Македонија, 168 пациенти чекаат бубрег, 37 срце – од 1 октомври лична одлука за органодарителство

ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ ЌЕ БИДАТ СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ

0

Во Македонија, во моментов, 168 пациенти чекаат трансплантација на бубрег, 37 на срце, 12 на црн дроб и 23 на рожница, податоци што, според Министерството за здравство, ја покажуваат потребата од унапредување на системот за органодарителство. Токму затоа, од 1 октомври 2026 година, во системот „Мој термин“ ќе почне да функционира нов модул преку кој секој полнолетен граѓанин ќе може официјално да се изјасни дали по смртта сака или не сака да биде дарител на органи и ткива.

Новината доаѓа откако Собранието на 29 јуни ги усвои измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со што се создава појасна правна рамка за органодарителството и трансплантацијата. Министерот за здравство, Азир Алиу, кој кажа дека ќе биде првиот што ќе даде согласност за дарување на органите по смртта, оцени дека измените претставуваат значаен чекор за развој на трансплантацискиот систем.

„Со усвојувањето на законските измени, државата направи силен исчекор. Органодарителството денес е тема на доверба, лична волја, солидарност и зрелост на општеството“, изјави Алиу. Според него, реформата е резултат на повеќемесечна работа и јавна кампања, чија цел е граѓаните подобро да се информираат за значењето на органодарителството и неговата хумана димензија.

Како ќе функционира системот?

Секој полнолетен граѓанин, при посета на својот матичен лекар, ќе може да потпише изјава дали се согласува или не се согласува по смртта да биде дарител на органи и ткива. Пред потпишувањето, лекарот ќе има обврска да го информира за значењето на одлуката, нејзините правни последици и можноста таа во секое време да биде променета. Изјавата ќе се заверува од матичниот лекар, ќе се архивира во електронска форма и ќе биде внесена во Националната листа во рамките на „Мој термин“. Во системот ќе бидат евидентирани основните лични податоци, датумот на изјавата, матичниот лекар и статусот – дали е дадена согласност или не. Од Министерството уверуваат дека пристапот до податоците ќе биде строго контролиран и ќе го имаат само овластени лица, при што секој увид ќе биде евидентиран. Доколку граѓанинот се премисли, ќе може во секое време да даде нова изјава, а ќе важи последната внесена во системот. Во системот, органодарителот ќе биде обележан со црвена боја. До почетокот на примената на новиот модел ќе бидат донесени и подзаконските акти со кои ќе се регулираат Националната листа, пристапот до податоците и формата на изјавата.

Најголем проблем е недостигот од согласности

Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, истакна дека измените на законот се резултат на анализи кои покажале дека најголемата пречка не е стручноста на медицинските тимови, туку малиот број согласности за дарување органи.

„Имавме многу потенцијални дарители, но ниска стапка на согласности. Анализите покажаа дека во земјите со најуспешни трансплантациски системи во центарот е ставена индивидуалната волја на граѓанинот. Затоа и ние решивме индивидуата да биде на прво место“, рече Кузмановска. Таа нагласи дека органодарителството останува целосно доброволно и секој ќе може во секое време да ја промени својата одлука.

Поделени реакции во јавноста

Новите законски измени предизвикаа различни реакции на социјалните мрежи. Дел од граѓаните ја поздравија можноста секој однапред да ја изрази својата волја, оценувајќи дека тоа ќе придонесе за поголема доверба во системот и повеќе спасени животи.

„Донирањето органи е благороден чин што спасува животи. Органите треба да стигнат до пациентите на кои им се најпотребни, според медицински критериуми и законски правила, а не преку корупција, купување или злоупотреби. Довербата во системот е најважна за повеќе луѓе да се охрабрат да донираат“, напиша еден граѓанин. Од друга страна, има и коментари во кои се изразува недоверба кон институциите и несогласување со органодарителството од лични или верски убедувања. Дел од граѓаните порачаа дека не сакаат да бидат дарители и побараа поголема транспарентност во функционирањето на системот.

Според Министерството за здравство, токму јасно изразената лична волја и строго контролираниот пристап до податоците треба да ја зајакнат довербата во системот, а крајната цел е да се зголеми бројот на успешни трансплантации и да се намали листата на пациенти кои чекаат животоспасувачки орган. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ