четврток, октомври 1, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Граѓаните да не прават бизнис со државните станови и да не ги...

Граѓаните да не прават бизнис со државните станови и да не ги препродаваат по повисока цена

Со предложените измени и дополнувања на Законот за домување, граѓаните што со децении живеат во станови во државна сопственост би можеле да добијат нова можност да го решат станбеното прашање. Градежниот експерт Никола Велковски вели за весникот ВЕЧЕР дека државните станови треба да ја задржат социјалната функција и да не се користат за остварување профит, поради што предлага ограничување на можноста за нивна препродажба, особено кога се купени под повластени услови

130

Граѓаните што со децении живеат во станови во државна сопственост би можеле да добијат можност да го решат станбеното прашање. Со предложените измени и дополнувања на Законот за домување, државата предвидува продолжување на рокот за поднесување барања за откуп или закуп на овие станови до 31 декември 2027 година. Новите правила се однесуваат на лицата што ги користат становите врз основа на договор склучен пред 16 мај 1998 година, како и на одредени членови на семејните домаќинства на починатите носители на правото. Измените сè уште се во фаза на предлог и треба да бидат изгласани за да стапат во сила.

Градежниот експерт Никола Велковски вели за весникот ВЕЧЕР дека при спроведувањето на законските измени мора да се внимава државните станови да не се претворат во можност за остварување профит преку нивна препродажба. Според него, овие станови првенствено се наменети за семејствата што поради ниските приходи и тешката финансиска состојба не може да си обезбедат сопствен дом, па затоа треба да постојат јасни правила со кои ќе се спречи нивното користење за бизнис.

– Доколку е даден станот на отплата на 30 години, не треба да му се дозволи на корисникот да го откупи порано за да не го препродаде. Во договорот треба да има клаузула со која ќе се ограничи правото на продажба во наредните 15 години. На тој начин ќе се спречи злоупотребата да се продаде државниот стан по повисока цена. Ако сака државата со овие станови да им помогне на социјално загрозените, тогаш треба да има јасни правила дека тие не можат да се препродаваат и да се прави бизнис со стан купен под повластени услови – вели Велковски.

Според него, покрај ограничувањето за препродажба, едно од најважните прашања е и по која цена државата ќе им ги понуди становите на сегашните корисници. Доколку продажната цена биде блиска до пазарната, дел од граѓаните би можеле да се откажат од откупот, бидејќи би можеле да купат друг стан за истиот износ. Дополнително, голем дел од овие станови се наоѓаат во постари згради изградени во деведесеттите години, од кои некои немаат лифт и бараат дополнително вложување за одржување.

– Ако се продава станот по пазарна цена, во тој случај корисникот може да се откаже од купување, бидејќи со истите финансиски средства може да си купи нов стан. Овие станови што ги градеше државата во деведесеттите години се во стари згради, без лифт. Но, во секој случај, можноста социјално загрозените лица да ги користат овие станови со цена на закуп што е многу пониска од пазарната е голема помош за овие семејства. Така, на пример, ако се издава еден стан од 60 квадрати во државна сопственост за околу 200 евра, а на пазарот е 400 евра, тоа претставува значителна разлика за семејниот буџет – појаснува Велковски.

Тој додава дека за граѓаните што примаат социјална помош, купувањето стан може да биде особено тешко, бидејќи со ограничените месечни приходи не може да преземат обврска за отплата на станбен кредит или за плаќање месечни рати во подолг период. Токму затоа, како што посочува, важно е да се направи разлика меѓу правото на откуп и правото на користење на станот, со цел најранливите категории граѓани да не останат без покрив над глава.

И во предложените измени на Законот за домување е предвидено лицата што примаат социјална или постојана парична помош да немаат право да го откупат станот, туку да можат да го користат под закуп. Притоа, додека го имаат статусот на приматели на социјална помош, нема да плаќаат закупнина. На овој начин, предложеното решение предвидува да им се обезбеди сигурност во домувањето на семејствата што немаат финансиска можност да станат сопственици.

За другите корисници, можноста за закуп или за откуп ќе зависи од висината на приходите на домаќинството. Предлогот предвидува три категории: домаќинства со ниски приходи, чии вкупни приходи се до една и пол просечна нето-плата, домаќинства со просечни приходи, од една и пол до две и пол просечни нето-плати и домаќинства со високи приходи, односно над две и пол просечни нето-плати.

Корисниците од овие категории ќе може да избираат меѓу закуп и откуп, но само доколку ги исполнуваат предвидените услови. Меѓу нив се македонско државјанство, постојано живеалиште во општината каде што се наоѓа станот, да не користат друг стан или деловен простор во државна сопственост, како и да го користат конкретниот стан уште од пред 13 август 2009 година.

Висината на закупнината ќе биде различна за секоја категорија и ќе зависи од приходите на домаќинството и од површината на станот. За домаќинствата со ниски приходи, закупнината би изнесувала 25 или 35 денари за квадратен метар, за оние со просечни приходи 62 или 95 денари, додека за домаќинствата со високи приходи би изнесувала 190 денари за квадратен метар. Тоа значи дека за стан од 60 квадратни метри, закупнината за највисоката приходна категорија би изнесувала 11.400 денари месечно. Предвидените износи имаат цел да се приспособи висината на закупот на финансиските можности на корисниците, а истовремено да се овозможи регулирање на статусот на становите.

За оние кои ќе ги исполнат условите за откуп, државата предлага плаќањето да може да се распредели на период до 30 години, односно на најмногу 360 еднакви месечни рати, со фиксна годишна каматна стапка од 4 отсто. Со тоа, наместо да ја платат целата сума одеднаш, корисниците би имале можност куповната цена да ја исплаќаат постепено. Сепак, конечната одлука за откуп ќе зависи и од утврдената продажна цена, условите за плаќање и финансиската способност на домаќинствата.

Според Велковски, клучно е државата да обезбеди модел со кој ќе им помогне на граѓаните да го решат станбеното прашање, но истовремено ќе спречи становите наменети за социјално домување да се користат за остварување лична заработка. Оттука, покрај поволните услови за закуп или за откуп, неопходно е да се утврдат и јасни правила за понатамошното располагање со становите, особено во случаите кога се купуваат тие по цена пониска од пазарната.

Предлог-законот предвидува и конкретни рокови за регулирање на статусот на сегашните корисници. Барањата за откуп или за закуп ќе треба да се поднесат најдоцна до 31 декември 2027 година, а за оние што нема да го сторат тоа во предвидениот рок, предвидена е дополнителна можност до 31 март 2028 година. Доколку корисниците не поднесат барање ниту во дополнителниот рок, може да следува присилно иселување. Таква можност е предвидена и во случај кога ќе биде одбиено барањето за закуп, а корисникот во рок од 30 дена нема да поднесе ново барање за закуп или за откуп.

Со предложените законски измени, државата настојува да го регулира статусот на граѓаните што живеат со години во станови во државна сопственост и да им овозможи, зависно од нивните приходи и исполнетите услови, да продолжат да ги користат или да станат нивни сопственици. Конечниот ефект на новите правила ќе зависи од усвојувањето на законот, утврдувањето на продажните цени и од начинот на кој ќе се применуваат условите за закуп, откуп и евентуално ограничување на препродажбата.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ