Македонската метропола, Скопје, е подготвена за 22. Скопскиот атлетски маратон, кој ќе се одржи в недела, 4 октомври. На овој голем атлетски настан ќе има четири трки: маратон на 42 километри, штафетен маратон, полумаратон на 21 километар и рекреативна трка на пет километри. Годинава, на сите трки ќе настапат над 15.000 натпреварувачи од 63 земји. На маратонската трка се пријавени осумстотини тркачи, двојно повеќе од минатата година, полумаратонската трка е зголемена за 450 до 500 учесници за разлика од минатата година и на неа ќе настапат околу 3.000 полумаратонци.
Годинава се пријавени дури единаесетмина натпреварувачи од Кенија, а наш најголем адут, секако, ќе биде Дарио Ивановски, кој го понесе триумфот на Скопскиот атлетски маратон минатата година. Највозрасен конкурент на фаворизираните Кенијци и на нашиот Дарио ќе им биде 79- годишниот Британец Питер Симсон, кој воедно е и највозрасен натпреварувач на маратонот. Основната награда за победникот на маратонската трка е 2.500 евра, но со предвидените бонуси, може да стигне и до 5.000 евра.
– Благодарност до нашите покровители, Министерството за спорт, Европската Унија, Град Скопје… Без нив немаше да стигнеме до ова што сме денес. Можам да кажам дека сме еден од подобрите настани во регионот и тоа не е мое лично мислење, туку мислење на оние со кои соработуваме како колеги од регионот, кои ни даваат огромно признание за ова што го правиме од година на година. Бројките го кажуваат тоа, морам да истакнам дека ако минатата година имавме четиристотини натпреварувачи на маратонската трка, оваа година бројот се дуплираше, имаме осумстотини маратонци, како откај нас така и од други држави. Сето ова се должи на промоцијата што ја правиме преку целата година, бидејќи го промовираме нашиот маратон и во другите земји. Воедно, овој настан не е само спортски туку и туристички, голем број натпреварувачи доаѓаат со своите семејства и остануваат два -три дена, а ги посетуваат и другите убавини на нашата земја. Маратонот е и една одлична промоција на државата, а ако сме добри домаќини, ќе се зголемува тој број од година на година.
На програмата имаме четири трки: маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон и рекреативната трка на пет километри. Годинава имаме мала промена во стартот на маратонската, полумаратонската трка и на штафетниот маратон. Поради големиот интерес, одлучивме да го поместиме стартот и наместо пред Собранието, ќе биде на популарниот „Рекорд“, на пешачкиот премин, додека стартот на трката на пет километри е на крстосницата кај Црвениот крст. Сакаме да направиме простор за поголем број тркачи да стартуваат безбедно. Маратонците и полумаратонците стартуваат во правец кон населбата Хром, каде што вртат полукружно и се враќаат по улицата „Теодисиј Гологанов“, поминуваат низ Центар, одат накај Аеродром по улицата „Трета македонска бригада“ и излегуваат на булеварот „Јане Сандански“, од каде што се враќаат назад. Полумаратонците вртат само еден круг, а маратонците два круга. Можам да кажам дека беше многу голем интересот и дека имавме притисок за нови пријави, но моравме да ги затвориме, бидејќи организацијата на еден ваков настан има голема логистика, не можеме во последен момент да нарачуваме медали, маици… Затоа апел до сите што сакаат да трчаат на Скопскиот маратон, во иднина да се пријавуваат навреме – вели директорот на маратонот, Кире Синадиновски.
Интересно е тоа што годинава на трката на пет километри има пријавено повеќе жени од мажи.
Во изминатите три години, бројот на учесници на пет километри се зголемува, но во прилог на жените. Изненадува што годинава има 1.500 повеќе жени натпреварувачи на пет километри. Затоа сум многу горда што ги рушиме стереотипите, бидејќи секогаш во спортот подоминантни и помногубројни биле мажите. Но, не е случајно ова, бидејќи петнаесет години го промовираме ова со други спортски настани, конкретно со „Авицена женската трка“. Се надеваме дека ќе се зголемува овој број во иднина и на потешките трки – вели Гордана Николовска, генерален секретар на маратонот.
(С. Т.)












