НН: ХРАМОТ НА МАКЕДОНСКАТА ДЕМОКРАТИЈА ОДНОВО СТАНА АРЕНА НА ВЕРБАЛНИ ВАЛКАНИЦИ
Н: Филипче го нарече Мицкоски „комплетен идиот“ – има ли дно во навредите!?
ПН:
На тешките навреди во храмот на македонската демократија како да нема крај. Навредувањата продолжуваат, а зборовите стануваат сè потешки и потешки. Вербалните инциденти никако да запрат, при што скандалозните случувања се редат како на лента. Не помагаат ниту новиот Кодекс за однесување на пратениците ниту осудите на навредувањата во јавноста и апелите да се запре со недостојното зборување. Нов таков случај е забележан вчера, во македонското Собрание, откако пратеник и лидер на опозициската партија СДСМ, Венко Филипче, го нарече премиерот Христијан Мицкоски „комплетен идиот“. На партиската прес-конференција, во пресрет на денешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тој упати остра и навредлива порака до премиерот да не си игра со иднината на земјата и да не ја изолира. Според него, треба да се зборува за иднината бидејќи ситуацијата е сериозна.
– Не знам дали сте свесни каква политичка тежина има овој момент во кој, по 30 и кусур години, ние сме во ќор-сокак за Европа по желба лично на Христијан Мицковски. Дали сте свесни дека има јасен чист патоказ за четири земји, нас таму нè нема. До 2030 година е отворена вратата во Европа. Земји членки ќе станат Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија. Нас нè нема. Притоа, Христијан Мицкоски сè уште глуми патриот. Ќе ги бранеше името, јазикот, културата, идентитетот. Па сè е зачувано во меѓународните договори. Тие го признаваат тоа. Па сега некои будалштини збори дека Исланд не сакал во Европска Унија, па Исланд е дел од заедничкиот пазар. Па може ли таков идиот да е човекот комплетен, да нè изолира целосно – изјави Филипче.
Мицевски: Ова е срам и говор на омраза
На ова веднаш одговорија од пратеничката група на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј координатор, Никола Мицевски, оцени дека Филипче срамно се однесува.
– Ова е срам за македонската политичка сцена, за СДС и за Филипче како нејзин претседател. Вакви срамни навреди кон претседател на Влада не ѝ доликуваат на една опозиција која претендира да биде некогаш власт. Ова е говор на омраза и говор на човек кој очигледно се наоѓа во сериозна криза и сложена состојба. Филипче манифестира силен страв и остава впечаток дека е притиснат од внатрешни поделби и притисоци. Ова е говор на уценет човек. Ова не е речник што му доликува на доктор и на човек кој е дел од академската заедница. Секој нека се праша: дали би му довериле одговорност и управување со вашите животи на човек кој во јавната комуникација употребува вокабулар како „идиот“? – нагласи Мицевски.
Тој додаде дека ова не е само прашање на воспитување туку и на начинот на кој се однесува под политички притисок.
– Зошто е толку нервозен и зошто инсистира на капитулација пред Бугарија? Суштината на неговиот денешен испад и недоличното манифестирање и невоспитано однесување, не е во тоа дали Исланд е дел од заедничкиот европски пазар. Прашањето е дали презел политички обврски што сега не може да ги исполни и дали токму тоа е причината за ваквата нервоза – наведе Мицевски.
Новото навредување се случува само кусо време откако во јули, во Собранието, пратеничката од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, на комисиска расправа, употреби навредлив израз кон својата колешка од опозицискиот СДСМ, Јована Тренчевска, нарекувајќи ја – кокошка! Таквата навреда и тогаш предизвика бран на јавни осуди и барања да запрат навредувањата. Но, тоа, очигледно, немало ефект. Комуникологот Бојан Кордалов укажува дека новите навреди се резултат на тоа што тие продолжуваат.
– Секогаш кажувам дека ако не се запре говорот на омраза, тој само ќе ескалира. И звучи можеби чудно, но ако не се запре и по ова денес, ќе следуваат уште пошокантни фрази и примери на говор на омраза, односно порадикализирана политичка комуникација базирана на навреди и омаловажувања која доаѓа од различни политички партии – наведува Кордалов во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Навредувања имало и во изминатиов период, при што од владејачката партија за своите опозициски конкуренти наведуваа дека се „предавници“, „мршојадци“, „глодари“, „талог“ на општеството. Пред неколку месеци, при изборот на новите министри опозициските пратеници ја нарекоа министерката за финансии како „сметководителка“, а „професор“ а тоа потоа предизвика реакции на пратениците од парламентарното мнозинство. Во македонското Собрание во изминативе години се слушале и уште потешки зборови како – „вошка“, „стока“, „жена ти да ја…“
Кордалов: Сиљановска да иницира казни за навреди
Според Кордалов, иако граѓаните, можеби, се навикнати на таквите зборови, навредливото однесување и комуникација не смеат да се нормализираат, дозволат, толерираат, а камоли храбрат од кого било.
– За таа цел, ако партиите се навистина сериозни и сакаат да им докажат на граѓаните дека не само декларативно туку и реално се борат да го искоренат говорот на омраза, сугерирам уште следната недела, заедно со експерти, да седнат и да изработат јасна листа на навредливи зборови кои ќе се забранат од собраниската говорница за почеток. Можат да одат и чекор понатаму, да донесат правилник или какво било законско решение со јасни казни за секој што ќе го прекрши кодексот на јавно зборување преку користење на говор на омраза. Тоа значи во институциите на граѓаните како Собранието или владата и владините институции, на партиските говорници, во медиумскиот дискурс, онлајн форумите итн. Тоа ќе биде јасен знак дека нешто конкретно прават, а не дека само кога им одговара наводно бараат ограничување на говорот на омраза, надевајќи се на некој политички поен плус – нагласи Кордалов.
Тој додава дека одличен гест и лидерство би било и доколку претседателката Гордана Сиљановска-Давкова веднаш поведе конкретна ваква иницијатива која брзо ќе заврши со правна, стручна и, пред сè, разврска од интерес на граѓаните кои не заслужуваат да трпат изблици на чија било омраза, нетолеранција и дискриминација.
– Ваквото зборување може да даде привид дека политичарите кои користат навредливи зборови се на вистинскиот пат, но тоа е класична стапица во која лидерите може да паднат од своите најлојални поддржувачи или луѓето околу нив кои имаат интерес. Изборите ги решаваат огромно мнозинство неопределени гласачи, кои се проценуваат кој во тој момент го заслужува нивниот глас – предупредува овој комуниколог. (Б. Ѓ.)












