Особена излетничка атракција е локалитетот Крстот над селото, кој се наоѓа на надморска височина од околу 700 метри и од каде што се протега прекрасен панорамски поглед на Скопје, од западната страна. Со партерното уредување на локалитетот Крст – Кучково, местото добива еден целосно нов, современ и урбан лик. На само 15 километри северозападно од центарот на градот Скопје, ова прекрасно планинско место е вистински предизвик за планинарите, за љубителите на велосипедизмот, за „вечната“ потрага по чист воздух, подалеку од луѓето и од градската врева

Неверојатна природна убавина, идеална за пикник-викенд на чист воздух, па и за излет за празникот Први мај, се крие на само 15 километри од Скопје.

Во северниот дел од Скопската Котлина, помеѓу реките Вардар и Лепенец, североисточно од Скопје, во приградската зона на Општината Ѓорче Петров, на надморска височина од 560 метри, вгнездено е малото ридско село Кучково, кое сè повеќе станува атрактивно место за рекреација, благодарение на напорите на Општина Ѓорче Петров тоа да се претвори во урбано и привлечно место за посета, но и место каде што може да се избега од градскиот метеж и да се ужива во благодатите што ги нуди тамошната природа. Тоа е вистински рај за очите и благодат за душата.

Атарот на селото зафаќа површина од 23 квадратни километри. Првите жители биле доселеници, овчари номади и се занимавале со земјоделство и со сточарство. Ова населено место има што да им понуди на посетителите намерници. Околината е богата со високи ридови, зелени ливади, бујна вегетација, густа борова и дабова шума и чешми со студена, пивка изворска вода. Местото изобилува со природна реткост, со мали манастирски цркви, со археолошкото наоѓалиште Голема Кула и со етноселото, кои може да се посетат.

Уредено е со патокази за рекреативните пешачки и велосипедски патеки, летниковци и со клупи. Седумдесет и тригодишниот Благоја Стојановски, жител на ова село, раскажува дека тоа со што ова место привлекува многу туристи се многуте манастири и цркви, но и убавата борова и дабова шума.

– Кога се оди по патот од Волково за Кучково, од десната страна прв е манастирот „Свети Трифун“, кој е еден од попосетените. Обично овде доаѓаат организирани групи, а манастирот нуди и прекрасно манастирско гравче. Ќе ве пречека домаќинот на манастирот – вели Стојановски за весникот ВЕЧЕР.

Тој продолжува со патувањето низ селото по угорнината, по која, како што вели, се стигнува до стариот дел од селото.

– На самиот влез од селото ќе ве пречека даб. Ние, кучковци, го нарекуваме „дубиче“, што значи мало дапче. Мојата баба ми кажуваше дека ова дрво е најстаро во околината. Кога оделе кучковци на печалба, нивните најблиски се собирале кај дрвото, да ги испратат. Оттука се испраќале и оние што оделе во војска. Но, ова дрво е и место каде што биле дочекувани тие. Ова место било место каде што се плачело, место за разделба, но и за дочекување со песни – опишува Стојановски.

До ова дрво, во шеесеттите години било и корзото.

Во ова село се и црквите: „Света Петка“, „Свети Аранѓел“, „Крстовден“, „Света Недела“, „Свети Спас“, „Свети Атанасие“, како и манастирите „Свети Ѓорѓија“ и „Мала Богородица“.

ЛЕГЕНДИ ЗА СЕЛОТО

За секое македонско село има преданија и легенди, а мештаните раскажуваат неколку за ова место.

Стојановски вели дека во селото има голема варовничка карпа, која ја викаат Девојачки Камен и која е многу посетена.

– Се верува дека поседува чудотворна моќ. Постои легенда според која во некое невреме, при силен ветер, била оттурната девојка токму на овој камен. Друга легенда, пак, вели дека се вљубила некоја девојка во Турчин, но браќата не сакале да ја дадат за него. Таа закажала средба со него кај каменот, браќата дознале за тоа. Го опколиле местото, виделе како доаѓа Турчинот на бел коњ, го пресретнале и го убиле. Потоа, од жал за него, девојката се фрлила од каменот – ја раскажува Стојановски легендата.

Тој додава дека овде доаѓаат млади жени и гребнуваат од карпата, го мешаат правот со вода и пијат од таа напивка, а потоа добиваат рожба. Тој им помага на младите мајки да добијат и млеко за доење, а на девојките да се омажат.

Под карпата во долот, Стојановски вели дека има два извори со лековита вода, која лекува очни болести и слаб вид.

– Изворите се нарекуваат Мијочи , а местото Коњска Нога, зашто таму наводно поминал Крале Марко со својот коњ Шарец, кој направил дупка со копитото, како патоказ за светата вода. Од таа дупка извира лековитата вода со која се замиваат болните за здравје – објаснува Стојановски.

Рај за очи е и Кучковскиот Водопад, кој се наоѓа во кањонот во месноста Клисурица, на четири километри од Крстот или околу час и половина пешачење. Како што истакна Стојановски, водопадот е висок околу пет метри, а водата што извира од карпите 200 метри над водопадот, потоа и понира.

Кучково е познато и по снимањето на популарната македонска ТВ- серија „Волшебното самарче“ во 1975 година.

ЛОКАЛИТЕТОТ КРСТОТ – АТРАКТИВНО ИЗЛЕТНИЧКО МЕСТО

Посебна излетничка атракција е локалитетот Крстот над селото, кој се наоѓа на надморска височина од околу 700 метри и од каде што се протега прекрасен панорамски поглед на Скопје, од западната страна. Овде традиционално, на Први мај, се организира локалниот собир „Ден на Крстот“, во рамките на кој се организираат спортски игри, како што се влечење јаже и друго.

Овој локалитет, благодарение на Општина Ѓорче Петров, е уреден во 2022 година. Со партерното уредување на локалитетот Крст – Кучково,  местото доби еден целосно нов, современ и урбан лик. На 15 километри северозападно од центарот на градот Скопје, ова прекрасно  планинско  место е вистински  предизвик за планинарите, за љубителите на велосипедизмот, за „вечната“ потрага по чист воздух, подалеку од луѓето и од градската врева.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, вели дека ова место сега е едно од најпосетените излетнички места.

– Лани направивме нова улица до црквите „Света Петка“ и „Света недела“, но и друга, која води до манастирот „Свети Архангел Михаил“. Крстот е многу посетено место – од млади со мали деца, особено за викендите, овде има пешачки патеки, но и содржини за најмладите – истакна Стојкоски.

Тој упати апел луѓето да не палат оган на отворено во текот на претстојниот празник Први мај, но и да не фрлаат отпадоци насекаде, туку да си го соберат ѓубрето.

– Кај Крстот има и спомен-плоча во чест на неколкуте стотици загинати српски војници. Тука, на ова место, во 1933 година била изградена спомен-кула, во која биле погребани овие војници, а кои загинале при ослободувањето на Скопје во Првата балканска и Првата светска војна. Таа била урната во 1941 година, од страна на бугарските фашисти – нагласи Стојановски.    

Локалитетот е на вкупна површина од 5.456 квадратни метри и е комплетно партерно уреден и хортикултурно облагороден и прерасна во современ центар за рекреација и за настава во природа.

Инаку, Крстот, по кој го добило ова место името, е изграден пред 15 години, во времето кога градоначалник на Општина Ѓорче Петров беше Сокол Митровски.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ