Кодексот за етичко однесување на пратениците, кој требаше да воведе нова политичка култура и да стави крај на навредите од собраниската говорница, во практиката, не издржа ниту неколку дена. Иако документот што го поддржаа народните пратеници предвидува расправите да се темелат на аргументи, а не на лични дисквалификации, во Собранието повторно ескалираа тензиите. Имено, пратеничката од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, на комисиска расправа употреби навредлив израз кон својата колешка од опозицискиот СДСМ, Јована Тренчевска, нарекувајќи ја – кокошка!
– Само два аргументи за колешката Јована Тренчевска која скокаше како кокошка – ѝ порача Петковска во расправата.
Се разбира, упатувањето на ваквата навреда веднаш предизвика реакции со осуди и барања за извинувања, за воздржувања, за потребата да се почитува новодонесениот Кодекс. А тој документ, донесен неодамна како резултат на меѓупартискиот договор, содржи недвосмислени одредби со кои народните избраници треба да се воздржуваат токму од ваквите навреди.
– Пратеникот/пратеничката на седници на Собрание и на седници на работните тела говори и се однесува со внимание и почит кон личноста и угледот на секој поединец и води сметка да не го повреди неговиот углед и угледот на Собранието… Преку својот говор, пратеникот/пратеничката ја поддржува и ја промовира слободата на изразувањето, но внимава тоа, директно или индиректно, да не предизвика омраза, нетолеранција, нетрпеливост и/или насилство на лична, идеолошка, верска, национална, етничка, родова или расна основа, ниту на кој било друг начин да го злоупотребува правото на говор… – пишува во одредбите кои се однесуваат на начинот на однесувањето на пратениците.
МН: Секој мандат обележан со тешки наведи
Но, очигледно, некои од говорниците во македонскиот храм на демократијата или сè уште не го прочитале Кодексот или решиле да не го почитуваат. За жал, ова не е првпат во собраниските сали да се слушаат навреди, омаловажувања, дискредитации од страна на пратениците кои се залагаат за одредени ставови и одлуки. Токму деновиве, при расправата околу изборот на новите членови на македонската Влада, јавноста повторно можеше да слушне навредливи зборови. Така, во расправија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ексминистерот за финансии и актуелен пратеник на СДСМ, Фатмир Битиќи, пред неколку дена, во расправа за ребалансот на Буџетот, ја нарече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска „сметководителка“, а нејзиниот заменик Николче Јанкуловски „професор“ а тоа потоа предизвика реакции на пратениците од парламентарното мнозинство. Него, пак, премиерот Христијан Мицкоски го нарече „мизоген“. На сето ова се надоврзува и инцидентот со новиот министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, кој, според тврдењето на СДСМ, упатил навреди кон пратениците Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески.
Критика е можна и без дисквалификации
Комуникологот Бојан Кордалов оценува дека во вакви ситуации, кога се случуваат навредите, не е важно од каде доаѓаат.
– Не е важно од чија уста или тастатура доаѓаат зборовите доколку тие поларизираат и можат да бидат доживеани од кој било човек или група како навредливи и несоодветни за јавната комуникација. Во оваа и во секоја слична ситуација, постои начин да се искаже критика или несогласување со политичките противници без притоа тие да се дисквалификуваат, навредуваат или омаловажуваат. Граѓаните многу добро разбираат што сакате да кажете и особено ќе ја ценат инклузивната и пристојна комуникација, која во една демократија, секако, треба да се темели на различни мислења, ставови и концепти. Комуникацијата мора во своето средиште да ги постави човекот и потребите на луѓето, а не навредите меѓу политичките неистомисленици – нагласи Кордалов во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Упатувањето навреди не е само својствено за овој собраниски состав. Јавноста памети тешки навреди и во претходните состави. Собраниските микрофони, во изминативе години, забележеле многу недостојни зборови кои ги изговарале македонските пратеници. Така, преклани, при кавгата со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и пцуеше со зборовите: „Сестра да ти ја …“. „Да ти ја …. устата смрдлива“. Славјанка Петровска, пак, го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека „стои зад и ги одобрува мафијашките пресметки“ откако претходно го проблематизира и патувањето на Мицкоски со својот син во Вашингтон.
Тогашниот пратеник Талат Џафери од ДУИ на пратеникот Ријад Шаќири од Вреди му порача „да го поздравиш многу татко ти, и ти предлагам да не навлегуваш многу во детали за одредени теми“. Џафери уште им порача на пратениците од Вреди дека „Можат да му ги измијат нозете на Али Ахмети и да ја пијат водата“. Ријад Шаќири, во декември 2024 година, пак, употреби сексистички јазик кон пратеничката Илире Даути, на која ѝ рече „не ја злоупотребувај мојата хуманост што те третирам како жена, бидејќи да беше маж, поинаку ќе зборувавме“… Сето ова придонесе и граѓаните во спроведените анкети да покажат незадоволство од ваквиот начин на работа на пратениците. Неодамнешната анкета на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје покажала дека дури 64 проценти од испитаниците сметаат дека пратениците често или секогаш користат омаловажувачки и деградирачки говор кон политичките противници. Речиси половина од анкетираните сметаат дека таквиот речник се користи често, додека 15 проценти оцениле дека тоа постојано се случува.
– За жал, политичката комуникација во Македонија е навлезена во еден маѓепсан круг. Навредите и несоодветната комуникација најпрво редовно се практикуваа на социјалните медиуми, често зад скриени профили. Потоа се префрлија на партиските говорници и во изјавите на партиските лидери и раководства, за на крајот, да се всадат и на собраниската говорница. Континуирано се прават обиди ваквиот начин на комуникација целосно да се одомаќини и во традиционалните медиуми. Не постои политичар или политичка партија која победила или долгорочно опстојала на власт исклучиво благодарение на навредлива и неинклузивна комуникација. Напротив, многу од партиите и политичарите кои претходно се профилирале преку ексцентрична и навредлива реторика, за да се приближат реално до можноста да ја преземат власта, целосно го менувале начинот на својата јавна и политичка комуникација – наведува комуникологот Кордалов.
Кодекси важни, спроведувањето поважно
Денеска, за време на собраниската седница, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, апелираше пратениците да се однесуваат достоинствено и со дигнитет бидејќи ако продолжи наративот на навреди, можно е повторно во Собранието да има немили настани.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која претседаваше со седницата, повика да се зачува дигнитетот на пратениците.
– Сите сме повикани да го зачуваме дигнитетот на пратениците и за ова треба најотворено да разговараме – рече Бендевска.
Но, основното прашање кое останува е дали говорниците во македонското Собрание ќе најдат сили и разум да го почитуваат она на што се обврзале со Кодексот за етичко однесување.
– Кодексите и правните акти се потребни и се целосно за поздравување. Тие јасно ја покажуваат демократската волја на јавните институции да бидат почитувани и уважувани сите граѓани, независно дали имаат исти, слични или дијаметрално спротивни мислења и ставови од одредена политичка партија или од нејзините поддржувачи. Меѓутоа, многу е поважна практиката, односно доследното спроведување на ваквите кодекси. Потребни се и постојано подигање на јавната свест и унапредување на нивото на политичката култура, но пред сè, лична почит кон различните и кон другите од страна на секој носител и секоја носителка на јавна функција – нагласи овој експерт по комуникологија во изјавата за весникот ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)
До цивилизирани дебати преку личен пример
На прашањето како навредувањата може да запрат и јавноста да биде сведок на цивилизирани дебати, комуникологот Кордалов со одговор дека за тоа треба личен пример.
– Тоа може да се промени единствено доколку дојде јасна насока за тоа од партиските врвови и доколку партиските лидери покажат личен пример. Сè додека раководствата на политичките партии охрабруваат, одобруваат или поттикнуваат објавување соопштенија и одржување прес-конференции на кои, без ни малку да ги јаде совеста, се оцрнуваат луѓе или цели групи, и јавно се користат фрази кои граѓаните во секојдневната комуникација речиси и да не ги употребуваат, вирусот на несоодветната, навредлива и неинклузивна комуникација ќе продолжи да се шири. Тој дополнително ќе навлегува во секоја пора на општеството, во јавните институции и во целиот јавен простор. Затоа, промената мора да почне од политичките лидери, но и да биде поддржана со јасна институционална одговорност и доследна примена на усвоените правила – вели тој.












