Телото на српскиот генерал Ратко Младиќ денеска е транспортирано во Воено-медицинската академија (ВМА) каде што ќе биде извршена обдукција, потврди заменик-началникот на ВМА, Иван Лековиќ.
Тој рече дека сите наоди, како од обдукцијата, така и од сите анализи и тестови, ќе бидат доставени до семејството и надлежните институции што е можно поскоро.
„На барање на семејството на генералот Ратко Младиќ и врз основа на писмо од министерот за правда, Воено-медицинската академија ќе изврши обдукција на останките на генералот Ратко Младиќ“, изјави Лековиќ за Информер.
Тој додаде дека ВМА има сите професионални, просторни и кадровски капацитети за да изврши обдукција, сите прегледи и анализи.
Телото на Младиќ е транспортирано во ВМА од аеродромот „Никола Тесла“, каде што од Хаг е донесено со авион на српската влада. Видеата објавени во медиумите и на социјалните мрежи покажуваат дека голем број граѓани се собрале на неколку места на надвозници за да му оддадат почит на Младиќ со транспаренти и факели, додека ковчегот бил транспортиран од аеродромот до ВМА.
Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, почина на 27 август додека беше во притвор во Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во Хаг, каде што ја издржуваше казната доживотен затвор.
Пред смртта претрпел повеќекратни мозочни удари, а семејството и адвокатите на Младиќ постојано барале Механизмот да му дозволи лекување во Србија, но овие барања биле одбиени, како и оние од Република Србија.












