четврток, јули 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СУДИЈАТА ГОЦЕ НАУМОВСКИ СЕ ПОВЛЕЧЕ САМО ПЕТ МЕСЕЦИ ПО ИЗБОРОТ: Нова оставка...

СУДИЈАТА ГОЦЕ НАУМОВСКИ СЕ ПОВЛЕЧЕ САМО ПЕТ МЕСЕЦИ ПО ИЗБОРОТ: Нова оставка за нови кочници во Уставниот суд

Својата оставка упатена до Собранието, судијата Наумовски ја образложил со „лични и професионални причини“, а по неа Судот останува со само седум судии, што го повлекува прашањето за идната ефикасност. Денеска мораше да биде одложено одлучувањето по предметот врзан за Изборниот законик и за платеното политичко рекламирање

1

Уставен суд, од денеска, остана со само седум судии откако судијата Гоце Наумовски реши да се повлече од функцијата само пет месеци откако беше избран на оваа значајна функција. Во кусото образложение на својата оставка испратена до македонското Собрание, каде што беше избран на должност по предлогот на владиното мнозинство, Наумовски напишал дека „поднесува неотповиклива оставка од лични и професионални причини“. Оставката била изненадувачка за Уставниот суд, каде што денеска изутрина го очекувале Наумовски да присуствува на седницата на која требаше да се гласа по одредени предмети. Оттаму соопштија дека до Судот, од страна на судијата Гоце Наумовски не е доставена официјална информација дека поднесува оставка.

– Судијата беше отсутен од седницата. Официјална потврда не е пристигната ниту од Собранието. Претседателот Дарко Костадиновски единствено доби потврда за оставката во телефонски разговор од претседателот на Собранието, Африм Гаши – изјавија денеска во Судот.

За кусо време второ повлекување

Интересно е дека Наумовски неодамна не се појави на седницата на која требаше да се донесе одлука за иницијативите на партиите Левица и Демократи кои ги оспорија одредбите за платеното политичко рекламирање во Изборниот законик. Тогаш судиите не донесоа некаква одлука бидејќи седумте присутни судии не постигнаа мнозинство од пет гласа за меродавна одлука. По ова, денешната седница била закажана бидејќи се очекувало присуството на Наумовски. Меѓутоа, наместо неговото појавување во црвена судиска тога, претседателот Костадиновски добил телефонски повик од собранискиот спикер, Африм Гаши.

Во судските и политичките кругови вчера немаше многу неофицијални информации околу можните причини за повлекувањето на овој судија. Најголемата енигма е во прашањето зошто еден уставен судија би се повлекол од функцијата само пет месеци откако во Собранието потпишал изјава дека совесно и одговорно ќе ја извршува функцијата? Познато е, тој во редовите на уставните судии дојде како редовен професор на Правниот факултет на УКИМ и како советник на премиерот Христијан Мицкоски. Во јавноста е познат и како брат на поранешниот вицепремиер за европски прашања, Васко Наумовски. Инаку, тој е специјалист за римско право, а има докторат од областа на приватното право – право на интелектуална сопственост.

Предлогот Наумовски да биде избран за уставен судија тогаш наиде на отпор од опозицискиот Социјалдемократски сојуз, од каде што оценија дека станува збор за кадровско решение од Кабинетот на премиерот Мицкоски, обвинувајќи дека со тоа се потврдува намерата на власта целосно да ја наметне својата контрола во судството и во обвинителството.

За кусо време, ова е втора оставка што се случува во редовите на Уставниот суд. Во декември минатата година, од функцијата со оставка, исто така, се повлече судијката Јадранка Дабовиќ, која повлекувањето го образложи со „лични и здравствени причини“. Тоа се случи неполни две години откако Дабовиќ беше избрана.

Како до меродавни одлуки?

Со ова, Уставниот суд сега останува со седум судии и се поставува прашањето за идното функционирање на судот. Вчера беше одложено одлучувањето по предметот поврзан со Изборниот законик, а прашањето е како во иднина ќе се обезбедува предвиденото мнозинство од гласови на пет судии за донесување на меродавни одлуки? Познато е, Уставниот суд формациски брои девет судии, а во сегашната ситуација, меѓу останатите седум судии постојат значителни разлики кои доаѓаат до израз посебно околу предметите врзани со етничките прашања. Евентуалното ублажување на проблемот може да дојде до што поскориот избор на кандидатката Мери Дика Георгиевска, која Судскиот совет ја предложи за уставен судија во март, годинава. Но, нејзиниот избор сè уште не се случува, од недоволно познати причини.

Во таква ситуација е посебно прашањето како другите судии – Дарко Костадиновски, Добрила Кацарска, Ана Павловска-Данева, Татјана Васиќ-Бозаџиева, Осман Кадриу, Насер Ајдари и Фатмир Скендер – ќе успеваат да постигнуваат согласност околу одредени жешки теми за кои треба да донесат конечен став. По Изборниот законик, судиите веќе долго време ги чека одлучување по предметот врзан за Законот за јазиците кој никако да се стави на маса. Лани, судот оформи предмет и за оспорениот Протокол од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, донесен на 17.07.2022 година во Софија, и за кој иницијаторите бараат поништување. Веќе подолго време се чека и одлуката околу долговите на општинските и државните јавни претпријатија кои се движат и до милијарда евра. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ