Септември го најавува почетокот на есента и есенската рамноденица која настапува на 23 септември, кога денот и ноќта се исти. Во основа се карактеризира со стабилно време, постепено намалување на температурата, посвежи и повлажни утра и ноќи и секако со прекрасно сонце во текот на денот. Ова е месец кога амплитудите на температурата се поголеми.
Метеорологот Славчо Попоски прогнозира дека оваа година има голема веројатност септември месец да биде надпросечно топол и тоа за 1 до 2 степени потопол од повеќе годишниот просек.
Тоа значи дека топлотни бранови може да очекуваме и во текот на овој месец, додава Попоски.
Сѐ на сѐ, летото, според неговите најави, ни продолжува и овој месец, иако веќе од денес ни започна климатолошката есен која ќе трае до 1 декември, кога ни започнува климатолошката зима.












