четврток, септември 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Наставниците на првиот училиштен час – врсничкото насилство нема да се толерира

Наставниците на првиот училиштен час – врсничкото насилство нема да се толерира

Нови мерки против булингот, казни од 250 евра за родителите на насилните деца

0

По последниот тежок случај на врсничко насилство во Скопје, во кој 13-годишно момче беше прободено со нож и се бори за живот, ама и по серијата тепачки помеѓу деца од основните училишта, Град Скопје и Министерството за образование и наука најавуваат нов сет мерки за спречување и намалување на насилството.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека со Министерството за образование и наука се подготвува поширок пакет мерки, во кој ќе бидат вклучени и експерти, а активностите ќе бидат насочени не само кон учениците туку и кон нивните родители.

– Подготвуваме уште еден поголем сет мерки во соработка со министерката за образование. Во наредниот период ќе излеземе со цел сет мерки и ќе бидете сведоци на она што ќе го почнеме како процес, а ќе влијае, убеден сум, на долг рок за да имаме што помалку такви случаи – изјави Ѓорѓиевски.

Тој рече дека наскоро Град Скопје ќе презентира јасна платформа, а во нејзината реализација експертските тимови ќе работат и со учениците и со родителите.

– Некогаш вината, би рекол, е кај дел од децата, но многу почесто е кај родителите, кои, за жал, на таков начин дозволуваат да се однесуваат децата. Но, ќе дадеме сè од себе за да помогнеме во тој процес – рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот потсети и на мерката со која во средните училишта е ограничено користењето телефони во текот на наставата, како дел од пошироките активности за подобрување на училишната средина.

Од Министерството за образование велат за весникот ВЕЧЕР дека најважни во борбата против врсничкото насилство се превентивните мерки. Со законски измени од минатата година, училиштата се задолжени во своите годишни програми да планираат активности за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и занемарување, спречување дискриминација и за подобрување на комуникацијата. Паралелно се зајакнуваат стручните служби во училиштата и повторно се воведени дежурствата на наставниците во текот на одморите, во ходниците и во училишните дворови. МОН посочува дека се во собраниска процедура законски измени со кои се предвидуваат парични казни од 250 евра за родителите или за старателите на деца за кои ќе биде утврдено дека извршиле врсничко насилство во училиштето, но и за родителите што одбиваат да соработуваат со училишните служби.

Иако од Министерството велат дека, според бројот на пријави, не е во пораст врсничкото насилство, загрижува тоа што стануваат случаите сè побрутални.

Податоците од електронската адреса за пријавување насилство покажуваат дека во учебната 2024/2025 година биле евидентирани 49 пријави, додека во учебната 2025/2026 година бројот се зголемил на 57. Во учебната 2023/2024 година биле примени околу 120 пораки, но од МОН појаснуваат дека најголем дел од нив не биле конкретни пријави за случаи на насилство, туку препораки и предлози.

– Најчесто родителите или старателите пријавуваат насилство извршено врз нивните деца од други ученици. По пријавите постапуваат Државниот просветен инспекторат и Педагошката служба при МОН, а кога е потребно, се вклучуваат и Министерството за внатрешни работи и центрите за социјална работа. Правилата за пријавување и заштита од насилство се уредени со посебен правилник што важи за сите основни и средни училишта. Тој опфаќа физичко, психичко, емоционално, социјално, сексуално и кибернасилство, како и злоупотреба и занемарување, а предвидува единствена процедура за пријавување, постапување и заштита на учениците. Прва инстанца за препознавање и пријавување насилство се наставниците, по што се вклучува стручната служба во училиштето – објаснуваат од МОН за ВЕЧЕР.

На првиот училиштен час, на учениците од повисоките основни одделенија им било најавено дека од оваа учебна година нема да се толерира врсничкото насилство со строги педагошки мерки.

Во јуни годинава МОН, заедно со МВР, Труд и социјала, демографија и Комората на психолози, почна национална иницијатива за надградба на училишните психолози и наставници за препознавање семејно насилство преку однесувањето на децата и спречување негово пренесување во врсничко насилство. Во рамките на оваа иницијатива се одржуваат и директни средби со родителите и со наставниците. Досега биле опфатени 30 општини, а активностите продолжуваат. (П. А.)

Прободеното дете од Чаир и натаму во животна опасност

Тринаесетгодишното момче што беше прободено со нож во Чаир и се здоби со убодна рана во пределот на срцето, и натаму е во животозагрозувачка состојба, информираше денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.

– Стабилна, во животозагрозувачка состојба сè уште. Добрата страна – кинетиката, движењето на срцето е во ред, меѓутоа сè уште е во животна опасност – рече Клековски.

Момчето било повредено во тепачка во Чаир, на 31 август, во која учествувале повеќемина малолетници. Поради сериозноста на повредата, тоа е хоспитализирано и се лекува на скопските клиники. Едно момче на возраст од 19 години е во притвор, а неговиот малолетен брат, кој повреди со нож неколку деца, нема да одговара кривично, за него законот предвидува соодветни воспитни мерки.

ИЗДВОЕНИ