четврток, септември 24, 2026
Дома СВЕТ Во Германија е отворена истрага против 105-годишник осомничен за злосторства во нацистички...

Во Германија е отворена истрага против 105-годишник осомничен за злосторства во нацистички логор

28
Фото:википедија

Германските обвинители отворија истрага против 105-годишен маж обвинет за соучесништво во повеќе убиства во нацистички логор за воени заробеници за време на Втората светска војна, соопшти денеска Јавното обвинителство во Дортмунд.

Мажот е осомничен дека служел како чувар во логорот „Сталаг 326 VI K“ во Сене, во северозападна Германија; сличен случај е отворен и против друг поранешен чувар од логорот во Сене, пренесува „Би-би-си“.

Вториот осомничен под истрага починал пред неколку месеци на 99-годишна возраст, се наведува во соопштението.

Не се објавени дополнителни детали за двајцата поранешни чувари на логорот; овие случаи ги истакнуваат предизвиците со кои се соочуваат обвинителите кои продолжуваат да ги истражуваат злосторствата од нацистичката ера, со оглед на тоа што повеќето од преостанатите осомничени веќе починале.

Повеќе од 5,3 милиони војници на советската Црвена армија биле во германско заробеништво за време на Втората светска војна; се проценува дека половина од нив загинале, а многумина од оние што преживеале биле третирани како предавници по враќањето дома. Логорот за воени заробеници – или „Сталаг“ – во Сене бил еден од најголемите; според меморијалните записи, еден од тројца советски воени заробеници кои влегле во нацистичка Германија помеѓу 1941 и 1945 година поминале низ комплексот во Сене, често завршувајќи на принудна работа низ поширокиот регион.

Условите за живот во „Сталагот“ биле ужасни, а затворениците се соочувале со тешко малтретирање и неухранетост.

Од 180.000 до 200.000 советски воени заробеници регистрирани таму, многумина починале, а десетици илјади биле погребани на самата локација.

Во Сене биле држени и воени заробеници од Франција, Полска, Србија и Белгија; според податоците на Меморијалниот центар „Сталаг 326“, се проценува дека таму загинале десетици илјади луѓе. Од 1979 година, во Германија не постои застареност за кривичното дело убиство или соучесништво во убиство, што овозможува гонење на злосторствата од нацистичката ера.

Според извештаите, под истрага е и уште еден стогодишен чувар на логор – од логорот „Хемер Шталаг VI A“ (Hemer Stalag VI A).

Пред четири години, еден 101-годишен чувар на концентрационен логор беше осуден на пет години затвор за соучесништво во убиство во логорот „Заксенхаузен“; Јозеф Шиц беше најстариот нацистички злосторник некогаш изведен пред лицето на правдата.

Тој никогаш не ја отслужи затворската казна и почина во 2023 година, додека сè уште се чекаше одлука по неговата жалба на пресудата, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ