Судот во Пула донесе одлука за екстрадиција на украинскиот државјанин Володимир Журавлов во Германија; тој беше уапсен под сомнение за вмешаност во нападот на балтичкиот гасовод „Северен тек“, објавија денеска хрватските медиуми.
Адвокатот Љубо Павасовиќ Вишковиќ, кој го застапува Журавлов, изјави дека ќе поднесе жалба на одлуката донесена на 18 септември, пренесува новинската агенција „Хина“.
Во судската одлука се наведува дека Журавлов ќе биде екстрадиран во Германија штом одлуката стане правосилна.
Украинскиот државјанин беше уапсен на 19 август во туристички објект во Пула врз основа на европски налог за апсење издаден од Сојузниот суд на правдата во Карлсруе за потребите на кривична постапка.
Осомничениот Журавлов престојувал во хотел во Верудела со филмска екипа и бил заведен како член на екипата, но не под своето вистинско име.
Според медиумските извештаи, тој бил уапсен додека се снимал филмот „Змиски остров“ (Snake Island), кој се занимава со саботажата на гасоводот во Балтичкото Море.
Журавлов е обучен нуркач на здив (фридајвер) и е осомничен дека бил дел од тим за саботажа кој поставил експлозив на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во близина на данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море во септември 2022 година.
Германските обвинители се сомневаат дека Журавлов бил дел од група украински државјани кои користеле фалсификувани документи и испловиле од германскиот град Росток.
Украинецот е второто уапсено лице од групата осомничена за извршување на нападите врз гасоводот „Северен тек“. Кон крајот на јуни, судот во Хамбург покрена обвинение против Серхиј К., кој претходно беше уапсен во Италија.












