
За жал, Светското првенство што ќе се одржи за неколку месеци во САД, Канада и во Мексико, остана само пуста желба за фудбалската репрезентација на Македонија.
Она од што најмногу се плашеа објективните познавачи на фудбалската игра во нашата земја, се случи во текот на полуфиналната бараж-пресметка во Копенхаген.
Домаќинот, селекцијата на Данска, одигра максимално офанзивно во поголемиот дел од натпреварот и сосема заслужено со убедлив триумф од 4:0 се пласираше во финалниот бараж-дуел, каде што за противник ќе ја има репрезентацијата на Чешка, додека нашиот национален тим во вторник ќе игра против селекцијата на Ирска.
Бункерот на Македонија издржа до крајот на првотото полувреме, а во второто, избраниците на Гоце Седлоски беа сведоци на едно фудбалско цунами. За само десет минути, Данска дојде до убедливо водство со двата погодоци на Исаксен и со голот на Дамсгард, а во листата на стрелци се запиша и Норгард.
– Првото полувреме го одигравме дисциплинирано и бев задоволен од тоа како изгледавме. На паузата потенцирав да бидеме внимателни во воведните минути од продолжението, но токму тогаш примивме гол. Тоа нè исфрли од ритам и потоа тешко се вративме во игра. Ова е тежок удар за нас. Данска доаѓаше до голови преку крилата, нешто што го анализиравме и се обидувавме да го затвориме. Нивните бекови постојано создаваа бројчена предност и ни правеа големи проблеми во одбраната – изјави селекторот Седлоски, кој дали намерно или ненамерно, го игнорираше фактот дека Македонија за повеќе од 90 минути не упати ниту еден удар во рамките на данскиот гол.
Благодарение на Столе Димитриевски, кој, можеби, беше единствената светла точка во нашиот тим, домаќинот не оствари уште поубедлива победа, а експериментот на Седловски со Ќамили, Чурлинов и со Растодер се покажа како едно големо фијаско.
Уште позагрижувачки е фактот што тој што требаше да биде најголема главоболка за противничката одбрана, Елиф Елмас, не покажа ниту 10 % од тоа што го прикажува во дресот на актуелниот шампион на Италија, тимот на Наполи.
Дека ситуацијата со нашиот национален тим е повеќе од алармантна, покажува и фактот дека на последните два официјални натпревари тој прими 11 погодоци, а постигна само еден гол и тоа е јасен знак дека светлото е далеку од крајот на тунелот.
Можеби, поразот од Данска ќе влијае и отрезнувачки за челниците во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), кои може тивко и без фанфари да ја водат битката со претходното раководство, нека не се секираат, ќе има новинари што ќе прават сензација од тоа, а директорот на репрезентацијата, Горан Пандев, малку да олабави со поранешниот селектор, Игор Ангеловски, кој и понатаму ќе биде најуспешниот во историјата на македонската фудбалска репрезентација.
Убаво би било ФФМ да организира уште еден поткаст за да биде информирана јавноста дали репрезентативците во Копенхаген изгледале како растурена банда или, пак, како нешто друго и дали е нормално сениорската и младинската репрезентација на Македонија во еден ден да примат вкупно осум погодоци, да не постигнат ниту еден и да не упатат ниту еден директен удар кон противничкиот гол на натпреварите против Данска и Италија.











