Јавната установа Национален парк „Галичица“ го објави новиот ценовник за надоместоци за влез и користење на услугите во паркот за 2026 година. Ценовникот опфаќа широк спектар на услуги и активности, меѓу кои влез и престој во заштитеното подрачје, паркирање, кампување, посета на туристички и едукативни локалитети, користење на специјални објекти, фотографирање и снимање, како и организирање спортски, културни и други настани.
Според новите цени, дневниот билет за посетители постари од седум години изнесува 100 денари, додека неделниот билет чини 400 денари. За влез со автомобил или мотор се плаќа 150 денари, а дополнително се наплаќа и паркирање. Во понудата се вклучени и надоместоци за кампување со шатор, приколка или автокампер, како и за посета на атракции како пештерата Саматска Дупка, локалитетот Свети Наум и други посебни содржини во рамки на паркот.
Ценовникот предвидува и посебни тарифи за параглајдинг, користење теренски моторни возила, комерцијално фотографирање и снимање, како и за организирање спортски и културни манифестации. Дополнително, утврдени се надоместоци за вршење одредени стопански дејности на територијата на паркот и за користење на инфраструктурата и услугите што ги обезбедува установата.
Од Националниот парк ги повикуваат граѓаните, туристите и сите заинтересирани посетители навреме да се информираат за важечките цени и услови пред планирањето на посетата. Од установата посочуваат дека средствата собрани од надоместоците директно се инвестираат во заштита на природното богатство, одржување на инфраструктурата, унапредување на туристичките содржини и подобрување на условите за посетителите.
(С.Бл.)












