Македонија продолжува со интензивно усогласување со европската енергетска регулатива и зајакнување на својата улога во регионалните енергетски процеси, беше истакнато на Енергетскиот форум на Енергетската заедница што се одржа во Атина, каде што учествуваше заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ. Тој ги презентираше реформските активности и напредокот на државата во транспонирањето на европското енергетско законодавство во националната рамка.

Лабудовиќ нагласи дека усогласувањето со ЕУ-правилата претставува еден од клучните приоритети во процесот на енергетска трансформација, посочувајќи дека земјата интензивно работи на зајакнување на регулаторните капацитети и на приближување кон европскиот енергетски пазар. Посебно внимание беше посветено на Механизмот за прекугранично приспособување на јаглеродот (CBAM), за кој беше оценето дека ќе има значајни импликации врз економиите во регионот. Во тој контекст, Лабудовиќ укажа на потребата од внимателно креирање политики кои ќе ја земат предвид конкурентноста на индустријата, извозниот сектор и неопходните инвестиции во обновливи извори на енергија.

– Енергетската транзиција мора да биде амбициозна, но и праведна. Земјите од Западен Балкан имаат јасна европска перспектива и ги спроведуваат неопходните реформи, но процесот мора да биде проследен со конструктивен дијалог и со поддршка што ќе ја препознае реалната состојба и предизвиците во регионот – порача Лабудовиќ.

На форумот беа разгледани и прашањата за регионално поврзување на електроенергетските пазари, унапредување на енергетската безбедност и забрзување на инвестициите во чиста енергија, како клучни предуслови за стабилен и одржлив енергетски развој.

 

ИЗДВОЕНИ