Владата на САД ја предупреди Украина да се воздржи од напади на неруски бродови во Црното Море, по серијата напади што ги нарушија нафтените операции поврзани со американскиот енергетски гигант „Шеврон“.
Според „Волстрит џурнал“, предупредувањето е издадено откако извршниот директор на „Шеврон“, Мајк Вирт, и други лидери во нафтената индустрија, се сретнаа со високи претставници на американската администрација претходно оваа недела, објавува „Киев Индепендент“.
Нивната цел е да ги заштитат своите операции во Казахстан, откако украинските сили нападнаа четири танкери во близина на руското црноморско пристаниште Новоросијск, од кои едниот бил изнајмен од „Шеврон“.
Американски функционер, цитиран од „Волстрит џурнал“, изјави дека по разговорот, администрацијата на Доналд Трамп официјално ја предупредила Украина дека нападите врз неруски бродови се неприфатливи.
„Американската администрација го гледа Конзорциумот за Касписки гасовод како витален канал за транспорт на енергетски ресурси од казахстанско потекло до европските пазари, бидејќи служи како алтернатива на руските енергетски ресурси“, рече функционерот.
Руското пристаниште Новоросијск служи како клучен центар за извоз на нафта и е терминал на Каспискиот гасовод, мрежа која сочинува околу два проценти од дневните резерви на нафта во светот.
Шеврон има 15 проценти удел во Каспискиот гасовод, кој транспортира нафта од три големи полиња преку Казахстан и Русија до Црното Море. Американската компанија поседува и 50 проценти удел во полето Тенгиз, кое сочинува околу 12 проценти од глобалното производство на сурова нафта на Шеврон.
Иако гасоводот и нафтените полиња се физички неоштетени, неодамнешните напади со беспилотни летала ја ограничија можноста за товарење на сурова нафта на терминалот во Новоросијск, принудувајќи го Казахстан да го намали производството на нафта поради ограничениот капацитет за складирање.
Долгорочното намалување на испораките преку Каспискиот нафтовод значително би ги оптоварило регионалните инвестиции на Шеврон, кои изнесуваат десетици милијарди долари.












