Цените на нафтата на светските берзи повторно го вклучија алармот, а Владата веќе почна да ги користи даночните механизми за да го ублажи ударот врз граѓаните. Првиот чекор е направен со намалувањето на акцизите, но доколку продолжи порастот на берзанските цени, премиерот Христијан Мицкоски вели дека на маса ќе биде ставено и намалувањето на ДДВ-то за горивата. Слични мерки веќе презедоа и повеќе европски држави, кои се откажаа од дел од приходите за да спречат нов ценовен шок. Сепак, неизвесно е колку долго државите можат да го преземаат товарот, ако продолжи кризата со енергентите. Последниве недели, горивата одат само нагоре. Дали е ова само нов краток бран поскапување, или, пак, е почеток на нова енергетска криза? 

 

Цената на нафтата повторно оди нагоре, а со тоа се враќа и стравот кај граѓаните дека полнењето на резервоарот наскоро може да стане уште поскапо. Светските берзи повторно се доближуваат до психолошката граница од 100 долари за барел, а секое поместување нагоре на светските пазари најбрзо се чувствува на домашните бензински пумпи.

За да го ублажи ударот врз граѓаните и стопанството, Владата веќе повлече прв потег – ги намали акцизите за горивата. За бензините, акцизата е намалена за еден денар, а за дизелот за два денари за литар.

Но, дилемата останува – дали ова ќе биде доволно ако продолжи порастот на цената на нафтата? Од Владата велат дека внимателно ја следат состојбата и дека се разгледуваат дополнителни мерки. Премиерот Христијан Мицкоски вчера порача дека една од опциите е намалување на ДДВ-то за горивата, иако призна дека тоа е мерка која директно би значела помалку приходи во државниот буџет.

– Како Влада, донесовме мерка за намалување на дел од акцизите, за бензините и за дизелот. За жал, цената на берзите расте и повторно се доближува до психолошката граница за 100 долари за барел. Воените дејства во Заливот се интензивираат, очигледно повторно нè очекуваат предизвикувачки денови. Се разбира, како Влада, ќе интервенираме со дополнителни мерки кои ги анализираме. Имаме основ, прогласивме кризна состојба на целата територија на државата. Веќе ги имаме сите правни механизми за да преземеме чекори – изјави премиерот.

Тој рече дека намалување на ДДВ-то е една од опциите што ѝ стојат на располагање на Владата.

–Тоа е можеби најмалку посакувана опција. Сите зборуваат за расходите на буџетот, а никој не зборува за приходите. Намалувањето на ДДВ-то би било директно на приходите, но нам ни е важен стандардот на граѓаните и како Влада, секогаш кога е потребно, ќе излеземе во пресрет на граѓаните – посочи премиерот.

Горивото не е само трошок за возачите, затоа што кога поскапува дизелот, тоа се прелева и кај транспортот, производството, доставата, а на крајот, и на цените на рафтовите во продавниците. Секое поскапување на пумпите значи дополнителен притисок врз домашниот буџет.

Регулаторната комисија за енергетика, кога ги одредува максималните цени на горивата, зема предвид повеќе фактори. Така, цената што ја плаќаме за литар гориво не зависи само од цената на нафтата на берзите. Во неа влегуваат и курсот на доларот, транспортните трошоци, маржите на компаниите, но и државните давачки – акцизите и ДДВ-то.

И токму тука, и македонската, но и другите влади во регионот и во Европа, имаат простор за интервенција. Не можат да влијаат на тоа што се случува на светските берзи, но можат да се откажат од дел од своите приходи за да биде помал ударот врз граѓаните. Во последните години, со енергетската криза и со порастот на цените на нафтата, повеќе европски држави направија токму таков чекор – намалуваа акцизи, даноци или воведуваа субвенции за горивата. Полска, на пример, привремено го намали ДДВ-то за горивата и други енергенти, а повеќе земји како Франција, Италија, Германија, Грција и Хрватска воведуваа различни мерки за да го ублажат ударот врз граѓаните и компаниите.

Но, ова се краткорочни решенија кои можат само да го стивнат пожарот. Намалувањето на акцизите или ДДВ-то може да ја намали крајната цена, но не може да го запре глобалниот тренд. Ако геополитичките тензии продолжат, ако има проблеми со снабдувањето и ако барелот навистина ја помине границата од 100 долари, притисокот повторно ќе се зголеми. Последниве недели, горивата одат само нагоре и неизвесно е дали е ова само нов краток бран на поскапување, или, пак, е почеток на нова енергетска криза.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ